Лишени од слобода 14 возачи за безобѕирно управување возило, девет возеле без дозвола, тројца под дејство на алкохол и двајца со активна забрана

Во текот на изминатото деноноќие на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода 14 возачи за безобѕирно управување возило, од кои девет возеле без дозвола, тројца под дејство на алкохол и двајца со активна забрана.

Тројца возачи во Скопје, двајца во Прилеп и по еден во Велес, Гевгелија, Валандово и Тетово управувале возило без возачка дозвола. Возачот во Тетово претходно учествувал во сообраќајна незгода со возилото кое го управувал. По еден возач во Скопје, Охрид и Неготино управувале возило под дејство на алкохол. Возачот во Охрид предизвикал и сообраќајна незгода со возилото кое го управувал. Додека, по еден возач во Битола и Кичево управувале возило со активна забрана. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.