Германскиот трговски синџир „Лидл“ планира да отвори свој супермаркет и во Македонија – се шпекулира дека првиот маркет ќе биде во Охрид.
Регистрирањето подружница во Северна Македонија во февруари е првиот чекор од нашата активност во земјата, одговорија од „Лидл“ – Бугарија на прашањето од InStore какви се нивните планови за влезот на германскиот малопродажен гигант кај нас и каде ќе им бидат лоцирани продавниците.
Според досега познатите податоци, подружницата под називот „Лидл Северна Македонија Дооел“ е основана со паричен влог од 500.000 евра. Новата компанија ќе биде управувана од Софија, од бизнисмените Милена Драгијска, Бисер Борисов Инчовски и Љубомир Манолов Хрсев. Тие се управители во компанијата во Бугарија.
Според описот на нивните надлежности и ограничувања, „Лидл“ планира да вложи над 10 милиони евра во продавница и да купи земјиште поголемо од 10.000 квадратни метри.
Бугарските менаџери засега не даваат повеќе детали, и покрај информациите дека веќе разговараат со градоначалници за можни локации.