Ве известуваме дека откако до нас вчера дојдоа информации за рушење на објектот „Парк“, Охрид ЅОЅ денес поднесе иницијатива за итен инспекциски надзор до Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат поради прекршувања на одредби од Законот за градење што претставуваат кривични дела според Кривичниот законик, се вели во ФБ објавата од Охрид SOS.
Во продолжение на истата од Охрид SOS додаваат:
Одобрението за градење е правосилно од 06 јули 2018 г., а првпат градежни работи се одвиваат во 2021 г. што е речиси една година ПО ИСТЕКОТ на важноста на одобрението за градење.
Во самата претставка што ја поднесовме има обезбедено низа докази (видео и фотографии) за целосно отсуство на градежни работи пред 2021 г. што значи дека градежните активности кои сега се одвиваат се спротивни на законите и претставуваат кривично дело.
Не може известување за отпочнување со градежни работи да се смета за почитување на обврската од чл. 66 ст. (1) од Законот за градење. Да можеше, така ќе беше формулиран ставот од членот.
Поради тоа, во врска со отпочнатите незаконски активности за рушење на објектот на ресторан Парк, од надлежните институции за заштита на културното наследство и од градоначалникот на Град Охрид бараме:
• Итно сопирање на сите активности на ресторан Парк, сè додека не се разгледа Инцијативата на Охрид ЅОЅ за прогласување на објектот за споменик на културата. Иницијативата е веќе поддржана и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
• Итно постапување по Иницијативата и ставање на објектот на ресторан „Парк“ под привремена заштита.
Потсетуваме на извештајот на РММ на УНЕСКО (2017) каде што стои: „Урбанизација со низок квалитет влијае на крајбрежниот пејзаж. …oвој дел на брегот веќе не изгледа природен, туку источкан со помали и поголеми градби (особено скоро изградениот Hotel Park Lakeside)“, а „лошиот архитектонски квалитет, во, и надвор од урбаните средини е закана за визуелните квалитети на доброто и закана по неговиот интегритет. Високите згради или било какви згради блиску до водата имаат големо визуелно влијание наштетувајќи му на интегритетот на доброто.“
Доколку не постапите ВЕДНАШ, секој од вас ќе стане свесен соучесник во неговото уништување.
Покажете барем елементарна грижа за светското наследство на Охридскиот Регион за да не бидете запаметени како варвари!
За сите прекршувања на законите ќе бидат поднесени и соодветни кривични пријави.
Мафијата повеќе нема да владее со единствениот УНЕСКО Регион во Македонија!
извор: Охрид SOS