Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на новинарски прашања во врска со социјалниот дијалог за минимална плата, со кој се постигна договор истата да се зголеми за 1,7% и истата да изнесува 15.194 денари, истакна дека станува збор за позитивно решение, кое е донесено и во услови на криза, а притоа се вклучен сите страни: синдикатите, работодавачите, Владата и сите граѓани.
„Ние во период на криза, а сметам дека тоа сите го признаваме, направивме исчекор, а тоа е зголемување на минималната плата од 1,7% и тоа е за поздравување, затоа што податоците укажуваат дека треба да се усогласи и минималната плата со критериумите, но искрено мораме еднаш засекогаш да сфатиме во нашата држава дека владеењето на правото почнува од нас самите. Не можеме само заради политички поени да ги занемариме критериумите, кога истите се пропишани со Закон. Имавме различно гледање на еден од критериумите во Законот за минимална плата, каде стои дека минималната плата се усогласува според процентот на зголемен пораст на бруто домашниот производ, а ние во терминологијата и Државниот завод за статистика познава реален раст на БДП. Тоа е светска терминологија што се користи за бруто-домашниот производ и мерење на истиот. Синдикатите ценат дека тоа што е дефинирано како пораст, дека БДП може да биде само позитивен, ние тврдиме дека реалниот раст на БДП којшто ДЗС го дава како податок може да биде и позитивен и негативен. Ние имавме негативна стапка на раст минатата година, за жал, од -4,5% и таму беше разликата на толкувањето. Синдикатите велеа дека ние треба да земеме 0 како единица за реалниот раст на БДП, но факт е дека имаме официјален податок за БДП од Државниот завод за статистика.
Вицепремиерот одлучно посочи дека Владата има силна политичка волја да продолжи растот на минималната, но и просечната плата во државата.
„Ние сме докажале дека политичка волја има. Јас сум тој којшто има кажано дека минималната плата се уште не е достоинствена, дека ќе работиме во добри услови. Кога ќе бидат условите такви ќе ја зголемиме минималната плата и до 18.000 денари, но денеска не е моментот да покажеме дали имаме или немаме политичка волја. Само пред 3 години минималната плата беше 8.500 денари во одредени сектори, 9.000 денари во сите сектори. Денеска е 15.194 денари. Тоа е политичка волја. Тоа е доказ дали сакаме или не сакаме“, кажа вицепремиерот.
Вицепремиерот нагласи дека тој лично, но и Владата се на став дека минималната плата треба да биде и над 60% од просечната, но кога економијата ќе биде доволно продуктивна и ефикасна и креира раст којшто тоа може да си го дозволи.
„Ние бевме на 40% на минималната плата од просечната плата. Достигнавме до 53,4%. Во овој момент тој е просекот. Да, стремиме кон 60%, но тоа се прави постепено и тоа ќе го достигнеме во еден даден момент. Во владината програма имаме кажано дека минималната плата треба да биде 18,000, а просечната плата 36,000. Тоа е точно тоа што сакаме сите да го гледаме. Ќе одиме уште подалеку, ќе стигнеме и до минимална плата од 22,000 денари кога нема да зборуваме за економска криза“, посочи вицепремиерот Битиќи во своите одговори на новинарските прашања во врска со висината на минималната плата.