Буџетските приходи се повисоки во однос на преткризниот период, 4,4% е растот на вкупните приходи, 5% е растот на даноците и придонесите. Вториот пакет економски мерки е имплементиран 100%, а севкупна имплементација од четирите пакет мерки изнесува 82% или 860 милиони евра. Економските мерки го подобрија економскиот резултат за 4,2 процентни поени, беше истакнато на денешната прес-конференција на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за финансии, Фатмир Бесими, на која присуствуваа и Фатмир Битиќи, заменик-претседателот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Крешник Бектеши, министер за економија и Кире Наумов, директорот на Развојната банка.
Премиерот Заев, истакна дека сите пакети на антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаат граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност, креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот и спроведување на брза излезна стратегија за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија.
„Првиот пакет антикризни мерки е имплементиран со 90,1%, вториот пакет мерки е 100% имплементиран, третиот пакет 75,4% и четвртиот пакет 72,7%. Мора да се нагласи дека некои од мерките од третиот и четвртиот пакет се реализираат во текот на оваа година, така да вкупната имплементација на мерките во однос на планот може да се зголеми, па дури може да достигне и до 99% имплементација. Гледано по компоненти на БДП, доколку не биле преземени мерките како субвенции за плати, придонеси од плати, платежни картички и сите мерки кои ги донесовме, падот на приватната потрошувачка би бил речиси двојно поголем, односно -11,8%, наместо -5,6% колку што изнесува според објавените податоци на Државниот завод за статистика. Во рамките на четирите пакети кои се предмет на анализа, донесени се околу 70 различни мерки, со кои се опфатени и поддржани компаниите и граѓаните погодени од пандемијата. Од вкупно 70 усвоени мерки во рамки на сите 4 пакети, во тек е имплементацијата на 21 мерка во вредност од 30 милиони евра, додека имплементацијата на 7 мерки во вредност од 150 милиони евра се во собраниска процедура и јас се надевам дека пратениците бргу ќе дадат зелено светло и на овие мерки“, изјави Заев и додаде дека имаме позитивни сигнали дека економијата заздравува, а за тоа се потврда позитивните тековни економски движења и тоа: високиот раст на извозот; растот на трговијата; зголемениот број во кредитирањето и растот на просечната плата.
Премиерот Заев, потенцира дека извозот има номинален раст од 15,4 отсто во јануари на годишна основа, увозот на стоки раст од 5,3 отсто со што трговскиот дефицит во јануари се намали за 29 проценти. Во јануари прометот во внатрешната трговија има номинален годишен раст од 0,8 отсто, просечната плата има раст од 2,7 отсто, позитивни трендови се утврдени и во кредитирањето на населението и стопанството, така што во февруари вкупните кредити се зголемени за 4,4 отсто на годишна основа, кај стапката на невработеност е забележано постепено намалување, вработеноста е зголемена.
„Согласно последните макроекономски и фискални движења и очекувањата во однос на меѓународното економско окружување, домашната економија е предвидено да се врати на патеката на економски раст во 2021 година и да ги надмине шоковите предизвикани од пандемијата. Со закрепнување на глобалната економија, очекуваме дополнително закрепнување и на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз, како и со растот на домашната потрошувачка, поддржан и преку антикризните економски мерки, ќе се придвижи економскиот раст. Проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 14 отсто, бруто-инвестициите раст од 7,7 отсто, приватната потрошувачка реален раст од 3,5 отсто, јавната потрошувачка од 4,3 отсто, додека бројот на вработени е проектирано да порасне за 1,9 отсто, а невработеноста да се намали соодветно на тоа“, рече премиерот.
Министерот Бесими истакна дека од почетокот на годината имаме позитивни движења во економијата, кои најлесно и најбрзо може да се детектираат преку приходната страна на буџетот.
„Даночните приходи и придонесите се повисоки за 5% во однос на истиот период лани – што е преткризен период, каде нема импакт од КОВИД-19 кризата, при што даноците се наплатени во износ од 27,758 милијарди денари и се за 6,2% повисоки во однос на истиот период лани. Растот на даночните приходи е по скоро сите видови даноци, така ДДВ е повисоко за дури 11,4% во однос на првото тримесечје лани, данокот на добивка е на ниво повисоко за 5%, увозните давачки се повисоки за 10,4%, персоналниот данок на доход е на скоро исто ниво како и лани, со раст од 0,8%. Придонесите се на повисоко ниво во однос на истото тримесечје лани за 3,3%“, посочи Бесими.
Министерот за финансии рече дека на Пролетните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, кои се одржуваат неделава, е преставен Планот за финансирање на забрзан раст (Growth Acceleration Financing Plan).
„Ова е нов стратешки документ на Владата, кој има за цел преку изнаоѓање нови механизми и извори на финансирање да го поттикне економскиот раст, но и да влијае на фискалната консолидација, односно стеснување на дефицитот и стабилизирање на јавниот долг. Планот за финансирање на забрзан раст ќе има важна улога за економијата во Република Северна Македонија и зголемување на бројот на работни места, преку користење на јавните инвестиции и средствата од официјалните кредитори за мобилизирање на приватниот капитал. Очекуваните резултати се двојно забрзување на економскиот раст (од 2,5% на 5% на среден рок), задржување на нивото на јавниот долг и буџетскиот дефицит во рамки на мастришкиот критериум и раст на јавните и приватните инвестиции“, посочи Бесими.
Главната поента на овој план е преку креирање и користење на нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање, да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од 4 милијарди евра за период 2021-2025 ќе се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Со тоа, неколкукратно ќе се зголемат вкупните инвестиции во економијата и ќе се придонесе кон дополнително забрзување на растот на бруто домашниот производ и креирањето на нови работни места.
PПланот особено ќе поддржува еколошки и климатски проекти, иновации, како и иницијативи за поправедно општество.