“Исламот, римокатоличкото и православното христијанство промовираат исти вредности на љубов, мир, толеранција, разбирање и меѓусебно почитување” е заклучокот од толерантното кафе кое 25 млади луѓе, средношколци, студенти, професори и раководители на институции го испија вчера со претставници од Исламската Верска Заедница, Римокатоличката црква и Македонската православна црква, во ресторанот “Белведере” на кејот “Македонија”.Настанот беше во реализација на здружението за мултикултурна интеграција, “Инклузија” од Охрид.
Присутните имаа можност да слушнат од Иса Ејуп, Oџа при муфтиството на ИВЗ, отец Оливер Тантушев од црквата “Свети Кирил и Методиј и свети Бенедикт” и од протојереј ставрофор Никола Христоски од МПЦ – ОА, Охрид и да разговараат со нив за вредностите кои ги споделуваат овие три основни вери преку најголемите постулати, почитта, сакањето и заедничкото разбирање.
Свештените лица и учесниците истакнаа дека во овие времиња на масовна експанзија на електронски и социјални медиуми, ние треба да ја задржиме чистината на се она што го проповедаат трите главни монотеистички религии на светско ниво и да се залагаме секогаш да го гледаме доброто во другиот, затоа што, според нив, сите сме создадени од еден господ, без разлика на неговото име.
Како што рекоа, суштината на секоја религија е да проповеда обединување, сакање на Бога исто како што го сакаме и својот ближен и верување во силата на заедништвото кое треба да биде и столб на иднината во една мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална средина каква што е Охрид но и Северна Македонија, во целост.
На самиот крај, младите испратија и пораки за соживот, пуштајќи балони во разни бои, на градскиот плоштад “Свети Климент Охридски”.
Оваа активност се реализираше во рамките на проектот “Низ една призма – сите сме исти”, финансиран од програмата Civika Mobilitas и Швајцарската агенција за развој.
Проектните активности ќе завршат кон средината на месец мај, со организирање мултикултурна визита, на отворен простор.