Градоначалникот Константин Георгиески денеска оствари средба со амбасадорот на Кралството Норвешка во Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Јорн Јелстад, кој беше во официјална посета на Охрид.
На средбата се разговараше за посветеноста и заложбите на локалната и централната власт во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и имплементација на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
Градоначалникот го запозна амбасадорот со актуелните активности за уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро и за важните инфраструктурни проекти кои во моментот ги реализира Општина Охрид. Исто така, беше разговарано и за можностите за продлабочување на соработката помеѓу охридската локална самоуправа и амбасадата на Кралството Норвешка и реализација на заеднички проекти.
Во рамки на посетата, придружуван од градоначалникот Георгиески, норвешкиот амбасадор Јелстад беше во посета на неколку важни културни знаменитости во стариот дел на Охрид и уживаше во езерска пловидба по Охридското Езеро.