По четири месеци поминати во притвор екс-градоначалникот на Охрид од СДСМ, Александар Петрески нуди кауција од половина милион евра за да излезе на слобода.
Тој ќе го следи примерот на некои притворени од предметот „Јагула“ кои претходно успеаја со гаранција да излезат на слобода. Сепак, на Петрески и на уште некои од неговите подредени соработници од општина Охрид по четврти пат им беше продолжена мерката за нови 30 дена.
Обидот на Петрески да излезе од притвор следува откако се сфати дека истрагата за досието ќе потрае подолго затоа што материјалот е обемен, но и затоа што истиот обвинител во предметот е ангажиран и во истрагата за акцијата „Пуч“. Најверојатно шесте месеци предвидени со закон за истрага, во случајот со Петрески ќе бидат пролонгирани. Таква можност постои во законот, да се продолжат првите шест месеци со нови.
Инаку, Петрески се гони за финансиски малверазии со кои стекнал противправна имотна корист преку јавни набавки и градежни активности. Но и неговиот случај, како и многу претходно, ќе потрае. Обвинителот Златко Биковски има поприоритетен предмет, тоа е „Пуч“ во кој Верушевски, неговата сопруга, Заев, Палифров, Лазаревски и Костовски се осомничени за шпионажа и насилство врз државни преставници.