ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИ ЗА АКТУЕЛНИТЕ СОСТОЈБИ ПОВРЗАНИ СО УРЕДУВАЊЕ НА КРАЈБРЕЖЈЕТО

Градоначалникот Константин Георгиески денеска одржа прес конференција во врска актуелните состојби, поврзани отстранување на бесправните градби и уредувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО.

– Сериозната посветеност на Општина Охрид во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, во делот на уредување и управување со крајбрежјето е веќе видлива на терен. Покажавме вистинска волја, капацитет и подготвеност да се соочиме со проблемите и да започнеме со средување на наследените катастрофални состојби.

Како резултат на неколку-неделната активност за отстранување на бесправните градби на плажите, ставаме крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас.

Речиси целосно се расчистени плажите на овој потег, од село Пештани до хотел Метропол, каде што со помош на механизација, отстранети се нелегални градби, платформи, постаменти од бехатон плочки и ѕидови од најразлични градежни материјали. Откриени и отстранети се голем број нелегални одводни цевки и јами од кои се влевале отпадни води директно во Охридското Езеро.

Со цел да се обезбеди навремена подготовка на плажите во пресрет на овогодинешната туристичка сезона, на потегот каде што е извршено чистење на габаритниот градежен шут, по налог на Општина Охрид веќе се ангажирани екипите на јавните претпријатија, кои вршат чистење на ситните остатоци од бетон и градежни материјали, а се врши уредување на постоечкото зеленило.

Исто така, на одредени локации од крајбрежјето, во текот на наредниот период ќе бидат засадени нови украсни растенија, нови садници на дрвја и ќе биде посипан афтохтон песок.

Во рамки на своите можности, Општина Охрид максимално ќе се потруди да ги обезбеди сите потребни услови за непречено користење на плажите од страна на граѓаните и туристите, за разлика од годините наназад кога нелегално се наплаќаше за влез, лежалки и паркинг.

Во текот на наредниот период активностите за отстранување ќе бидат засилени со помош на механизацијата која со одлука на Владата на Република Северна Македонија ќе и биде отстапена на Општина Охрид од страна на ЈП „Македонија Пат“. Откако ќе финализираат активностите за уредување на плажите во потегот на „Лагадин“, населбата „Свети Стефан“ и „Горица 3“ ќе се пристапи кон отстранување на нелегалните објекти и платфомите во делот на месноста „Елешец“.

Исто така во текот на наредниот период ќе се пристапи и кон отстранување на платформите и објектите на плажите во градската зона од каналот „Студенчишта“ кон „Горица 1“ и плажите во делот на населбата „Канео“, кои се опфатени во Генералниот урбанистички план.

Оваа можност сакам да ја искористам и повторно да потенцирам дека нелегалните градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети согласно законските процедури и нема да има никаква селективност во постапките.

Јасно, очекувано и разбирливо е дека дел од поранешните концесионери на плажите негодуваат и ќе негодуваат со решенијата и постапките за отстранување.

Сето тоа се должи на фактот што години наназад остварувале противправна корист и огромни приходи, граделе и узурпирале надвор од договорите за концесија на земјиштето. Дел од нив иако имале договори за плажи работеле како ресторани и ноќни клубови и нелегално ги издавале под закуп. Истото тоа продолжиле да го прават и кога договорите за концесија веќе им биле истечени и не плаќале никакви надоместоци за наем и користење на земјиштето.

Во финансиските анализи кои ги направи општината и информациите кои ги добивме од останатите надлежни институции дојдовме до фрапантни цифри на остварен приход во период кога поранешните концесионери немале активни договори за концесија.

На пример фирма концесионер на плажа за период од четири години кога немала активен договор за концесија остварила приход од 190 милиони денари. Друга фирма која стопанисувала со плажа исто така без договор за концесија, за истиот период остварила приход од 59 милиони денари, а трета фирма за стопанисување на плажа без договор остварила 14 милиони денари, а прикажала расход само за двајца пријавени работници на месечно ниво.

Оваа пракса за градење на бизниси на штета на општината, државата и светското природно и културно наследство мора да биде минато. Како што имам кажано и претходно, треба на сите да ни стане јасно дека ваков тип на урбанизација и користење на крајбрежјето во строго заштитените зони повеќе нема да има.

Сеуште цврсто стојам на ставот дека посветеноста моја како градоначалник и на Општина Охрид на патот на регулирање на овие состојби е непоколеблива и целосна. Освен препораките на УНЕСКО, зад нашите заложби стои законот, правото и прописите кои задолжително мора да се почитуваат.

Оваа можност ја користам да се обратам до еколошките здруженија „Охрид СОС“, „Фронт 21/42“, останатите еколошки здруженија и еко активисти кои тековно го следат и редовно го коментираат целокупниот процес на исполнување на препораките и јавно да ги поканам да се ангажираат на терен и да помогнат во процесот на уредување и оплеменување на плажите.

Независно од тоа каква ќе биде одлуката на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО и исходот од следната сесија во однос на статусот на заштитено подрачје кој го поседува Охридскиот регион, продолжуваме неуморно да работиме за интересите на Охрид како културен и туристички центар и да го зачуваме непроценливото богатство за идните генерации, истакна градоначалникот Георгиески.