По повод добиениот грант на општина Охрид од Австралиската амбасада во износ од 7. 500 австралиски долари , наменет за Центарот за згрижување на лица со посебни потреби “Зраци“, градоначалникот Никола Бакрачески денес беше во негова посета.
Во разговор со персоналот, згрижените и родителите, градоначалникот Бакрачески се информираше за нивните потреби, проблемите со кои се соочуваат како и за начините за нивно надминување.
Со грантот кој го добивме од Австралиската амбасада ќе се овозможи значителна помош за овој дневен центар. Дел од средствата ќе бидат искористени онака како што тоа претходно во два наврати го направивме, односно работно ангажирање и исплаќање плати на стручни лица во овој центар за период од 6 месеци. Дел од средствата ќе бидат наменети за екскурзии за децата и за родителите. Ќе бидат организирани и анимирачки активности, организација на ручек, изработка на цртежи и скулптури. Во рамки на активностите од овој грант ќе бидат предвидени промотивни активности со коишто настојуваме да ја подигнеме свеста на граѓаните за потребата од поддршката на центарот “Зраци“ и поширока поддршка од заедницата за децата со посебни потреби , за нивно подобро вклучување во истата и нивна подобра социјализација. Исто така со дел од средствата предвидени се изработки и дистрибуирање на информативни и едукативни флаери. Ќе бидат организирани трибини за подигање на свесноста на населението за ваквиот вид установи и за потребата од грижа на лицата со посебни потреби. Во таа насока наша заложба ќе биде медиумски да бидат покриени сите активности кои центарот “Зраци“ ги реализира во текот на целата година, рече градоначалникот Никола Бакрачески кој се заблагодари на Првиот секретар и конзул за Р. Македонија во Австралиската амбасада во Белград , Мелинда Рио и до Почесениот конзул во истата амбасада, Зоран Костовски кои се заложија за добивање на овој гранд.
Дефектологот, Зоран Костадиноски денеска упати јавна благодарност до градоначалникот Никола Бакрачески и до Општина Охрид за заложбите да се овозможи вработување на стручни лица во Центарот “Зраци“ со што се овозможува негово нормално функционирање.
Со самото тоа што се обезбедени финансиски средства за продолжување на континуитетот на овој дневен центар, тешкотиите се надминати. Мене ми припадна честа во името на здружението да се заблагодарам на градоначалникот и на локалната самоуправа за сите напори за продолжување на континуитетот на работата на овој центар. Со овој настан се означува продолжување на функционирањето на Центарот, се друго е функционирање. Денешниов настан е доказ дека ги надминавме тешкотиите со кои се соочувавме во досегашната работа, истакна Костадиноски.
Изработувач на проектната апликација за добивање на грант од Австралиската амбасада беше Секторот за ТЛЕР .Во првата половина од месец март апликацијата беше одобрена од страна на посебниот фонд на амбасадата наречен DAP (Direct Aid Program- Програма за директна помош)
Дневниот центар за згрижување лица со посебни потреби“Зраци“, функционира 14 години и него го посетуваат 15 лица со пречки во развојот. Актуелната локална власт е прва која создаде услови и во континуитет работно ангажира стручни лица во овој центар со што овозможува негово непречено функционирање.