Со пригодна свеченост, денес во општинската зграда се одбележаа 155 години од доделувањето на ловровиот венец за најдобра поема на нашиот преродбеник Григор Прличев, за неговиот вонвременски “Сердарот“. Ораторските средби повторно го оживеаја херојството на Кузман Капидан и нескршливиот духа на Неда, низ прекрасните рецитали на младите ученички, финалистки во натпреварувањето. Признанието за најдобра ораторка и припадна на ученичката Арифа Малоска, од ОУ “Братство Единство“ под менторство на проф. Јованка Љаткоска. Второто и третото место го освоија Сара Паункоска од ОУ “Григор Прличев“ и Теодора Николоска од ОУ“Христо Узунов“ под менторство на професорите Маја Гугоска и Валентина Пипоска. Сите финалистки блескаа на сцената, а актерското умеење и целосно внесување во улогата, превагнаа на страната на емотивната Арифа Малоска да го понесе “ловровиот венец“.
Не помалку блескаво беше изданието на ученичките од ОМУ “Методи Патчев“, Искра Атанасовска и Џеврие Туле со свои пијано изведби. Посебно настапот на 8 – годишната Џеврие, предизвика вистински восхит кај присутните.
Од името на Локалната самоуправа пред присутните се обрати претседателката на Советот на општина Охрид Гордана Коњановска, која истакна дека чествувањето на делото и ликот на Григор Прличев, не е обврска, туку света должност и вечен завет на охриѓани кон нивниот Омир. Токму жарот и талентот кој го покажаа денешните оратори, потврдува дека и најмладите генераци ја разбираат Прличевата максима за “совршенство или смрт“, како врвна вредност и морална точка кон која треба да се стремиме – истакна Коњановска.
Пред присутните се обрати и внуката на Григор Прличев, г-ѓа Олга Прличева, која специјално за оваа прилика допатува од Софија. Со зборови од необјавени дела на Прличев, таа упати порака до најмладите за нивното поведение и однос кои треба да ги имаат кон своите најблиски и кон другите луѓе за нивно целсно реализирање како личности корисни за себе и за пошироката зедница, со што уште еднаш се потврди универзалноста на прличевото творештво.
На директорот на ОУ “Братство Единство“, Муарем Доко, г-ѓа Олга Прличева, му врачи копија од необјавено дело на Григор Прличев, како признание за победата на Арифа Малоска на ораторскиот натпревар.