Во интервју за српски Курир, премиерот Зоран Заев отворено открива како од продавач на лубеници стигнува до најважната позиција во земјата, каков однос има со неговите родители денес, како го заработил својот прв милион, за сопругата Зорица Заева, но и за неговата прва љубов и зошто понекогаш сака да побегне од сите со мотор.
-Моето име е поврзано со Србија, мојата младост е поврзана со Србија, сè што направивме, целиот семеен капитал е поврзан со Србија. Првата девојка ја имав во Горњи Милановац. Убавата Јелена. Ја запознав едно лето додека продавав лубеници, пиперки, домати и краставици на пазарот во тоа место. Првиот екстра профит го заработив со продажба на детергент за перење алишта од Србија, и првите милиони кога продадов суви пиперки во Србија, нагласува премиерот Заев во интервјуто за Курир.рс
Прва љубов
Пазарот беше отворен до четири или пет. И веќе од пет-шест, ние младите одевме во кафуле, меана. Таму ја запознав Јелена, мојата прва љубов. Ние сме врсници. Тоа траеше најмалку две и пол години. Секое лето бев во Горњи Милановац. Таа имаше фиксен телефон, но јас немав. За среќа, тогаш имаше телефонски говорници. Еднаш дојде и во Струмица. И моите и нејзините родители го сфатија тоа како детска љубов, повеќе како да сме некои пријатели. И тогаш далечината си го направи своето. Во 1993 година се запишав на Факултетот во Скопје и се посветив на студентските обврски. Знам дека таа сега живее и работи во Белград, дека има своето семејство, деца. Тоа го слушнав случајно пред пет-шест години. Но, тоа беше прва љубов, не се заборава, вели премиерот.
За сопругата Зорица
Бев во врска со Зорица уште од средно училиште, и тоа стана сериозно на факултет. И таа студираше економија. Бевме во врска најмалку пет години, моите пријатели веќе започнаа да се венчаат, а потоа забремени девојката на брат ми, која е една година помлада од мене. Татко ми тогаш ми се јави: „А кога планираш свадба?! Не може да биде така“. Веќе беше време за мене, 26 години. Јас и брат ми се свршивме заедно. Тој беше првиот што се ожени, а неколку месеци подоцна и јас – на 30 септември 2000 година. Патем, на 30 септември имаше референдум за промена на името на државата, па сега не заборавам кога е годишнината од мојот брак.
Сепак, му препорачувам на мојот син да почека најмалку 30 години за брак, да поживее, да ја живее својата младост. Кога ќе стапите во брак, нема враќање – готово е. По венчавката не ми беше одземена можноста да се дружам со моите пријатели или кафулињата, но обврските доаѓаат.
Ќерката Александра
Ја добивме ќерка ми Александра во април 2001 година. Кога се роди, 16 пати ми ја свиреа песната „Икона си моја“ во кафеана, а кога одбија по 17-ти пат, ги искршив шишињата. Еве, носам спомен од тоа на мојата рака, бев во болница, ме зашија. Во моментов студира медицина во Софија. Не го сакав тоа затоа што ќе биде студент цел век – шест години студирање, потоа вежбање, па специјализација, па не знам што после не. И тоа не е добро ниту за жена, затоа што треба да биде и мајка. Кај нас семејството го води мајката, таа повеќе се грижи за децата отколку таткото. Но, таа го сака тоа. Таа не сакаше да студира во Скопје, рече: „Јас ќе бидам ќерка на премиерот овде, а сакам да бидам само студентка“.
Синот Душко
Добивме син во 2003 година, тој се роди неколку месеци по смртта на чичко ми Душко, кој беше мојот втор татко. Затоа му го дадов името Душко. Радоста беше голема кога добив син, но се надевам дека ќерка ми ќе ме гледа повеќе кога ќе остарам. Тоа е нашата православна традиција. Синот завршува трета година во средно училиште. Економска насока, се разбира. Јасно е дека го запознавам со нашата деловна активност. И тој сака да биде бизнисмен, нема да оди во политика. И мило ми е за тоа, затоа што и премногу е еден политичар во семејството.извор:kurir.rs