МАРАТОНСКА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНАТА

Како  што се очекуваше, Советот на општина Охрид, денес со многу расправа и спротиставени ставови на советниците од доминантните политички партии, ја заврши 38 седница во раните вечерни саати. Најмногу копјата  се кршеја околу усвојувањето на предлог заклучоците за усвојување на информациите за  реализација на деталниот  урбанистички план на Плаошник и за текот и постапката за урбанизација на локалитетот Студенчишко блато. Во текот на расправата која траеше повеќе од шест часа, беа вклучени и претставници на Заводот и музеј Охрид и Хидробиолошкиот завод од Охрид, како најповикани институции за активностите кои се во тек или ќе се  одвиваат на двата локалитета. По бурни реакции и контрареакции на советниците од двата политички блока, расправата заврши со усвојување на предлог заклучоците на информациите по двете точки со 13 гласа за и 8 против, со дополнување на информацијата за блатото со прифаќање на заклучокот на Владата на Република Македонија од декември 2013.

Со нешто помала жестокост во дискусиите помина точката за предлог одлуката за јавно приватно партнерство за модернизација, проширување и одржување на системот за јавното осветлување на општина Охрид. Со ова одлука, во наредните 15 години со јавното осветлување ќе раководи реномирана компанија од Чешка, која ќе инвестира 3 милиони и 570 илјади евра во модернизација на системот на осветлување. Точките од денешната седница кои се однесуваа на исплатата на долгот на ОУ “Григор Прличев“ кон ЕВН Македонија, реконструкцијата на патниот правец с.Косел – с.Вапила – с.Ливоишта, планот за управување со отпад на општина Охрид и 37 одлуки за урбанистичко плански документации, беа донесени едногласно или со воздржано гласање на советниците од опозицијата.