Почитувани љубители на уметноста, добра вечер!
Пред век и половина големиот Фјодор Михајлович Достоевски напиша „Убавината ќе го спаси светот“. Еден век потоа, анализирајќи ја оваа мисла низ мачните искуства на Втората светска војна, Холокаустот и мрежата на гулази, дисидентот во едноумието, Солженицин праша: „Кога во нашата историја, гладна за крв, убавината спасила некого од нешто. Убавината секако нѐ облагородила, ни го поткренала духот – но кого некогаш спасила?“
Минувајќи низ нашиве години на пандемија, ние можеме да се надоврземе на овие прашања. Колку убавината нѐ заштити од акутната закана на вирусот? Може ли убавината да ги врати загубените животи, прекинатите соништа, пропуштените перспективи? Како ќе ги надомести економските штети, како ќе ги реши еколошките проблеми, како ќе ги исправи длабоките социјални неправди? Ако пред овие предизвици потклекнаа и најмоќните на планетата, како воопшто убавината може да го спаси светот?
Меѓутоа, драги пријатели, парадоксот на убавината која е олицетворена во уметноста и културата е што таа е непресушен извор на надежта за подобар свет, дури и кога ги прикажува најголемите страдања, насилството кон немоќните или грдите лица на луѓето. Автентичната уметност ни ја нуди надежта и како личен и како колективен феномен, не поттикнува да ја бараме вистината и да ја прегрнеме добрината. Како критичар на сите апарати и системи на моќта, уметноста нѐ охрабрува да не се помируваме со злоупотребите и да не молчиме пред неправдите. Дури и кога е игнорирана или забранувана, уметноста си го пробива патот меѓу луѓето, меѓу народите, јазиците и културите ширејќи го просторот за свет со почовечки лик.
За да не потоне во очај, на светот му е неопходна убавината. Таа, заедно со вистината што ослободува и добрината што облагородува може да ги помири луѓето, може да ја намали нивната болка, да ги поврзе генерациите и да му даде нова надеж на човештвото. А тоа ни е повеќе од потребно во секојдневието исполнето со сиви тонови.
Веќе 61 година оваа институција дава простор за врвни креации на илјадници уметници од целиот свет. Токму уметниците се вистинските чувари на убавината, и со тоа и сведоци дека надежта за човештвото опстојува. Годинава, кога прославуваме 30 години од независноста на Република Северна Македонија, го започнуваме нашиот најпрестижен меѓународен фестивал „Охридско лето“ со 90 македонски уметници чии квалитети сигурно не се подолу од најпознатите светски имиња.
Задоволство ми е, со оваа констатација, како покровител, да го прогласам фестивалот Охридско лето за отворен.