За само три месеци годинава животот си го одзеле 29 лица. Лани повеќе од двојно е зголемен бројот на случаи во скопскиот регион (55), во споредба со 2019 година (24).
Две самоубиства, на момче и девојка коишто се случија во едно деноноќие ги вознемирија жителите на штипско-карбинскиот регион. 25-годишното момче си го одзеде животот со бесење на локалитетот „Баргала“. Ден потоа е пронајдено и мртвото тело на девојката од селото Аргулица на 22-годишна возраст. Таа оставила проштално писмо, но неговата содржина не е позната.
Проблемот со самоубиствата се чини ескалираше за време на пандемијата. Од МВР за Дојче веле велат дека од јануари до март годинава имало вкупно 29 самоубиства во земјата. Од нив 12 се случиле во главниот град, додека на второто место е Струмица каде се пријавени шест случаи. Во Битола за три месеци имало четири самоубиства, додека во Штип на почетокот на годината имало еден случај.
Директорот на Универзитетската клиника за психијатрија, Стојан Бајрактаров за ДВ вели дека бројката на самоубиства се зголемила на почетокот на пандемијата, по што во втората половина на годината одеднаш се забележал пад на случаите.
-повеќе на темата: Какви приказни се кријат зад бројките на МВР?
Се чини ситуацијата ескалираше на почетокот на 2020 година, во екот на пандемијата со Ковид-19. Тогаш се евидентирани 144 случаи, за разлика од 2019 година кога имало 99. Од МВР објаснуваат дека најголем број од самоубиствата ги извршиле мажи – 110, а по својот живот посегнале и 34 жени. Тие најчесто си го одзеле животот со бесење, додека причините за самоубиствата во најголемиот дел се поврзани со здравствената состојба и нервни растројства. Најголем дел од починатите се на возраст над 35 години.
Статистичките податоци на полицијата покажуваат повеќе од двојно зголемување на бројот на случаи во скопскиот регион во 2020 година
Статистичките податоци на полицијата покажуваат повеќе од двојно зголемување на бројот на случаи во скопскиот регион во 2020 година. Лани се регистирани 55 вакви немили случаи во скопскиот регион, во споредба со 2019 година кога биле пријавени 24 случаи. Штипскиот регион, каде што се пријавени последните самоубиства на момчето и девојката, со години наназад е високо на листата на МВР според црната статистика. Минатата година, за време на екот на пандемијата СВР Штип има евидентирано 28 случаи на самоубиства, дури осум повеќе во споредба со 2019 година. Голем број самоубиства се случиле и во Битола (16) и Куманово (13), за разлика од Велес каде се регистрирани седум случаи.
По едно самоубиство на 40 секунди
Самоубиствата се меѓу првите 20 водечки причини за смрт, вкупно за сите возрасти во светот. Проценките се дека по едно самоубиство се случува на секои 40 секунди. Самоубиството во некои земји е меѓу трите водечки причини за смрт кај лицата на возраст од 15-44 години и втора водечка причина за смрт во возрасната група од 10-24 години.
Според податоците на Светската здравствена организација, повеќе од 700.000 луѓе си ги одзеле своите животи во 2019 година, што значи дека еден од секои 100 смртни случаи во светот се должи на самоубиство. Тој процент е исклучително висок. Самоубиствата паднаа за 36 проценти од 2000 до 2019 година. Сепак, пандемијата зголеми многу од ризичните фактори за нив, како што се невработеност, финансиски проблеми, изолација.
-повеќе на темата: Ковид-19 не е главната причина за големата смртност во С. Македонија
Душевните растројства, депресијата и растројствата од злоупотреба на алкохол, насилството, загубите во текот на животот, културната и социјалната позадина, претставуваат важен ризик фактор за самоубиство. Нервните растројства, болест, семејни расправии, прекинати љубовни врски се најчеста причина за посегнување по сопствениот живот. Најголем број од самоубиствата се извршени со бесење, со употреба на огнено оружје,труење, давење, сечење вени и скокање од височина.
Лекарите укажуваат дека ограничувањето на пристап до вообичаени средства и методи за намерно самоповредување и самоубиство, како на пример хемикалии и штетни супстанци и огнено оружје, идентификување и лечењето на лицата кои страдаат од душевни пореметувања, подобрениот пристап до здравствените и социјални услуги, се корисни стратегии за превенција од самоубиства.
Се повеќе граѓани бараат лекарска помош
Проблемот со самоубиствата детално се следи и од лекарите на Универзитетската клиника за психијатрија. Директорот на клиниката, Стојан Бајрактаров за ДВ вели дека бројката на самоубиства се зголемила на почетокот на пандемијата, по што во втората половина на годината одеднаш се забележал пад на случаите. Пролетниот период, според него, е најкритичен. Тогаш се евидентираат и најголем број на случаи на граѓани коишто одлучиле насилно да го прекинат сопствениот живот.
Тој најавува дека во план е од септември да започне големо истражување за менталното здравје на населението, од коешто ќе се добијат повеќе информации за проблематиката. Доктор Бајрактаров укажува дека пандемијата влијаеше многу на менталното здравје на граѓаните – како и по секоја криза, зголемен е бројот на лица кои се соочуваат со проблеми и имаат потреба од лекарска помош.
-повеќе на темата: Зошто луѓето посегаат по животот?
„Значително се зголеми бројот на граѓани кои бараат помош во амбулантите на Клиниката за психијатрија. Последните три месеци во однос на ситуацијата пред пандемијата имаме зголемување на бројот на прегледи за 25 отсто. Панични напади, анксиозност и депресии се најчестите проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани“, вели Бајрактаров за ДВ.
Најголем број од самоубиствата се извршени со бесење, со употреба на огнено оружје,труење, давење, сечење вени и скокање од височина
За време на пандемијата дел од граѓаните имаа потреба од психолошка поддршка поради нивната зголемена вознемиреност, страв, загриженост, напнатост, несигурност и нарушен сон поврзани со семеен член заболен од Ковид-19 или, пак, од непредвидливоста на ситуацијата.
„Проблемите со кои се соочуваат граѓаните повеќе не се табу-тема“, вели докторот. Според него, луѓето се почесто се јавуваат, сакаат да зборуваат за своите проблеми и да побараат помош со цел да ги надминат своите стравувања.
Извор: DW