Независно од тоа каква ќе биде одлуката на Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура за статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО, тоа е нашето културно наследство, природно богатство кое што мораме да го чуваме, истакна од Охрид премиерот Зоран Заев.
– Она што е уништено со децении наназад, впрочем дури и од создавањето на заштитата на УНЕСКО до денеска и во последните 11 години под раководство на ВМРО-ДПМНЕ со целото мегаломанство, целата негрижа, навистина е мал периодот да се врати се во нормала. Но, благодарение на градоначалникот, неговиот Совет, на општинската администрација со сите аргументи кои што беа претставени од претставниците на Охрид, од Министерството за култура, мојот кабинет кои што се во постојана дебата вчера, а богами и денеска, навистина се менува сликата заради тие резултати што досега се постигнати. За нас е мотивација, и за државната власт и за локалната власт, да продолжиме. Сите знаеме дека Охрид ќе продолжи да се развива и мора да се развива. Не треба да биде запрен развојот на Охрид. Но, тоа мора да биде по план, така што максимална поддршка ни треба пред се од граѓаните. Каква и да биде денеска одлуката ние ќе ја почитуваме. Некој пат како што беше до пред вчера прифативме дури и ставањето под опасност значи аларм кај нас уште повеќе да бидеме фокусирани. Ќе ни биде драго и особено ќе го почитуваме ако го дадат тој дополнителен рок што ќе дискутираат таму на тие заседанија, затоа што не е ред светот да води грижа пред се за Охрид, ред е ние да водиме грижа дома и верувам дека ќе успееме, истакна премиерот Заев.
Заев вели оти бил задоволен што експертската јавноста гледа оти се работи на зачувување на охридскиот регион.
„Сите знаеме дека Охрид ќе продолжи да се развива и мора да се развива. Развојот на Охрид не смее да биде запрен, но тоа мора да биде според план. Ни треба малсимална подрршка од граѓаните“, порача Заев и додаде дека каква и да биде денешната одлука за УНЕСКО, власта ќе мора да ја почитува.
Запрашан дали доколку биде поместен регионот на Листата светски приодни и културни богатства во опасност ќе биде побарана одговорност од институциите, премиерот истакна:
– Одговорноста не можете да ја лоцирате, ниту во нашите, ниту во меѓународните закони, заради тоа што тоа низ времето е дозволено се. На крајот државите немаат за цел да санкционираат или да отворат постапки судски, правни, или какви било. Главната цел е да не се повтори тоа што го довело Охрид, Охридското Езеро и охридското крајбрежје и целиот заштитен регион за да воопшто се дискутира тоа. Да ни биде поука и да учиме. Охрид, нашето прекрасно Охридско Езеро треба да го чуваме такво какво што природата и Господ ни го дариле. И верувам дека ќе успееме во тоа, а притоа да се развиваме и токму поради неговата посебност да биде атракција, рече премиерот.
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, по однос расправата во УНЕСКО рече дека независно одлуката ќе се удвојат напорите и активностите за исполнување на препораките.
– Доколку добиеме дополнителен рок од две години, ќе продолжиме уште поодговорно, уште похрабро да работиме на имплементацијата на препораките. Она што е во наша надлежност како општина е усогласување на деталните урбанистички планови, отстранување на бесправно изградените објекти. Ние покажавме решителност и дека не се двоумиме во однос отстранувањето на дивоградбите, така и ќе продолжиме, истакна градоначалникот Георгиески.