Нов затворен зелен пазар со административно деловно трговска зграда наскоро ќе добие Охрид – истакна на денешната средба со новинарите директорот на ЈП „Градски пазар“, Тони Коталески кој подвлече дека станува збор за проект кој го вети градоначалникот Никола Бакрачески по моделот на јавно приватно партнерство.
Еве веќе имаме избрано приватен партнер односно изведувач на активностите ќе биде фирмата АД „Илинден“ од Струга. Фирмата беше избрана на тендер за доделување на договор за Јавно Приватно партнерство. Очекуваме за многу брзо време да биде почетокот на градбата. Во тек е изработката на Основниот проект, за да конечно Охрид како туристички центар добие затворен современ зелен пазар. Како јавно претпријатие ние ќе добиеме затворен современ зелен пазар од 1 230 м2, целосно опремен со тезги, потоа 200 м2 деловни простории. Исто така ќе добиеме и 10 паркинг места за потребите на јавното претпријатие. Приватниот партнер ќе ја реновира и фасадата на постојниот објект како и нова покривна конструкција на постојната зграда, а исто така ќе ја подели и халата за текстил на две нивоа, рече Коталески кој подвлече дека во периодот на преземање на претпријатието истото по основ на обврски должело 1.107.885,00 денари.
Наследивме претпријатие со долг од 1. 107. 885,00 денари. Кон добавувачите наследивме неисплатени обврски од 556.958,00 денари. Наследивме четири неисплатени паушали кон членовите на управниот и надзорниот одбор во висина од 264.468 денари . Со преземањето на јавното претпријатие овој износ ние како менаџерски тим го подмиривме во целост. Потоа наследивме обврска за ДДВ во износ од 261.517,00 денари. Голем дел од обврските беа за интелектуални или други видови услуги кон надворешни лица, кои ние во овие две години ги сведовме на минимум. Со нашето доаѓање за давање услуги започнавме да ангажираме редовно вработените лица во претпријатието. Како менаџерски тим максимално се грижиме за намалување на расходите во претпријатието. Со домаќинско работење и штедење, расходите ги намаливме за околу 400.000 денари.Најголеми намалувања има кај репрезентации за околу 170.000 денари, користење на услуги од надворешни лица, посочи Коталески кој се осврна на домаќинското работење на актуелниот менаџерски тим на претпријатието.
Изминатите две години ги завршивме со позитивен финансиски резултат и тоа вкупно од 745,866,00 денари. За 2014 година 351.901,00 и за 2013 година 393.965,00 денари. Платите и паушалите редовно се исплаќаат без доцнење, исплатени се сите обврски, потенцира Коталески.
По барање на закупците на тезги и во интерес на граѓаните на Охрид, а во соработка со ЈП „Билјанини извори“ ЈП „Градски пазар“ обезбеди бесплатен паркинг на улица „Туристичка“ за лицата кои пазарат во пазарот . Изминатиов период ова претпријатие беше организатор на Велигденскиот саем, како подружница на претпријатието успешно функционира и автопазарот. По барање на закупците претпријатието го подобри и осветлувањето во пазарот. ЈП „Градски пазар“ во континуитет реализира и многу други проекти и подржува низа манифестации кои се случуваат во Охрид.