После 3 месеци активна работа денес се реализираше Завршна Конференција на тема Центар за млади во Охрид “Ohrid Youth Hub”, каде имплементаторот на иновативната иницијатива, Ангела Митеска го престави проектот од стартот до самиот крај, и на која зема збор кандидатот за градоначалник на Општина Охрид Кирил Пецаков, кој ја дава својата поддршка на младите во Охрид и смета дека младите се оние кои заслужуваат да бидат ставени во фокусот на претстојната програма за локални избори, а воедно присуствуваше и актуелната пратеничка во Собранието на Репубчика Македонија Лидија Петкоска, претседателката на Унија на Жени Даниела Мијоска, како и советник на Општина Охрид Димитар Манчев.
Ангела Митеска за истиот на својот фб профил изјави:
“Месеци напорна работа, мал милион меилови, квантитативни и квалитативни анализи, средби со претставници на образовни институции, граѓански организации, експерти од разни области и многу млади лица за да стигнеме до крајот на студија со главна цел – младите.
Иновативна иницијатива која се реализира благодарение на поддршката на неколку репрезентативни институции, Швајцарска амбасада/агенција за развој и соработка (СДЦ), Национален Младински Совет на Македонија (НМСМ) во соработка со Меѓународна фондација за изборни системи (ИФЕС) и во склоп на проектот Поддршка на Изборните Реформи, кои го ставаат акцентот на младите и ни даваат можност да работиме на тематика која лично нам не засега.
Центар за млади во Охрид или т.н “Ohrid Youth Hub”, е темата на оваа иницијатива, која пред се јас ја детектирав како нешто кое е приоритет и мора да биде ставено на приоритетна листа и притоа ги искористив ресурсите кои ми беа на располагање за да стигнеме до половина пат на реализација на истиот, а потоа и средби со млади лица, како и со млади политички функционери кои воедно сметаат дека ние младите заслужуваме повеќе.
Голема благодарност и до сите оние кои дадоја свој придонес, голема благодарност до актуелниот пратеник во Собранието на Република Македонија, како и кандидат за градоначалник за Општина Охрид за претстојните локални избори Д-р Кирил Пецаков за неговата целосна поддршка.