Почитувани граѓани на Општина Охрид,
Дојдовме на самиот крај на иновативна иницијатива иницирана од мене, а со поддршка на Швајцарска амбасада/агенција за развој и соработка (СДЦ), Национален Младински Совет на Македонија (НМСМ) во соработка со Меѓународна фондација за изборни системи (ИФЕС) и во склоп на проектот Поддршка на Изборните Реформи, кои го ставаат акцентот на младите и овие репрезентативни институции ни овозможуваат на нас младите да се залагаме за тема која лично нам не засега, да работиме и вложиме онаму кај што сметаме дека е најнеопходно.
Јас како млад академски граѓанин, студент во Скопје, можев да ја увидам разликата да се биде студент во Скопје, а со пандемијата да се биде и студент дома, и воочив слабости на Охрид како универзитетски центар.
Младите тука не се во фокусот, и нивниот младински стандард не е на завидно ниво. Слух и интерес и покрај стимулативното дејство на Законот за Млади, досега немало, и токму затоа, јас како засегната од фактичката состојба, ја елаборирам оваа тематика, и не сама, заедно со многу млади лица, заедно да одлучиме што конкретно нам ни е потребно. Да дизајнираме катче кое ќе биде темелник и на многу идни генерации.
Како одговор на сите слабости, детектирав Центар за млади во Охрид кој ќе ги акумулира потребите на младите во Охрид и ќе биде нашето идно омилено збирно место.
Со истата цел беа спроведени квалитативни и квантитативни истражувања, анкети, компаративни анализи каде се согледа функционирањето на соседни и многу европски земји кои се сметаат за развиени и просперитетни современи држави, воедно се спроведе анализа на документи и закони, и секое едно укажуваше на есенцијата во центар од вакви размери.
Потоа многу средби со претставници на средни училишта, факултети, претставници на граѓанска организација, експерти од разни области и како што напоменав претходно, многу млади лица, како и млади политички функционери, кои ја поддржаа иницијативата и дадоја свој придонес со предлози, идеи, сугестии кои како значајни во целокупниот процес не доведоја до 3Д визуелизација на Центар за млади, кој би се состоел од библиотека, читална, простор за дебатен клуб каде младите ќе може да си ги усовржуваат своите ораторски вештини, да учат и споделуваат на теми кои се за нив есенцијални, кариерен центар кој ќе ги насочи младите за вистински чекори во иднина, простор за семинари кој ќе служи и на невладиниот сектор, и каде младите ќе може неформално да се едуцираат, и секако во склоп на сето тоа кафе бар кој, покрај за кафе пауза би бил идеален за настапување на охридски бендови, а воедно младите во секој период од годината да можат да најдат соодветен простор за учење, едукација и забава.
Иновативна иницијатива од младите за младите, преку која крајна цел е локалните власти да имаат слух за потребите на младите во Охрид и од идеја да биде реализација, а моја мотивација е по парковите, кафетериите и улиците да гледам млади луѓе со ведар дух кои ќе бидат спремни да се соочат со нови предизвици и од Охрид заедно да направиме град во кој ќе сакаме да растеме, учиме и вложуваме.
Благодарност до сите оние кои дадојда свој придонес во имплементацијата на оваа студија, благодарност до Граѓанска Организација “Инклузија”, актуелните пратеници во Собранието на Република Македонија, Јован Јаулески и Лидија Петкоска, а пред се до актуелниот пратеник и кандидат за градоначалник на Општина Охрид за неговата целосна поддршка – Кирил Пецаков.
Aнгела Митеска – Имплементатор на Иновативна Иницијатива