ОДБЕЛЕЖАНА ГОДИШНИНАТА ОД ПОТОНУВАЊЕТО НА БРОДОТ „ИЛИНДЕН“

Со полагање на свежо цвеќе пред спомен обележјето на жртвите од бродската несреќа „Солза на Роза“, вчера, беа одбележани 12 години. Делегацијата на општина Охрид ја предводеше заменик – градоначалникот Ристе Николески.

– Денес се одбележуваат 12 години од потонувањето на бродот Илинден во Охридското езеро. Пред една години се постави споменикот во чест на починатите во несреќата. Тој ден и датумот 5 септември засекогаш ќе остане врежан во колективната меморија на Охрид и како поука дека треба постојано да се надградуваме за да не се случуваат такви немили настани. Да не се повтори. Сите години правиме се за да ја подигнеме безбедноста во водите на Охридското Езеро и тоа ќе продолжиме да го правиме и понатакарече Николески.

Амбасадорот на Република Бугарија Ангел Ангелов кој ја предводеше делегацијата на Република Бугарија, рече дека пред 12 години бил еден од првите кој бил тука за да види што точно се случи.

– За тие 12 години имаше една мала плоча која беше поставена од Ротари клуб Охрид. Минатата година со финансиска помош од Министерството за надворешни работи на Бугарија и општина Охрид го направивме овој нов споменик. За таа една година спомен плочата еднаш беше оштетена и еднаш беше испишана со спреј. Сакам да им се заблагодарам на сите кои реагираа навремено и ја вратија спомен плочата во првобитната состојба. Се надевам дека нема ова да се повтори никогаш повеќе, зошто загинатите туристи кои се невини, не смеат да бидат употребени за дневна политика. Ќе продолжиме да го оддбележуваме овој ден и во иднина,рече Ангелов.

Свежо цвеќе пред спомен обележјето положија повеќе делегации од Бугарија и Охрид.