ВИСОКА ДЕЛЕГАЦИЈА ОД ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО ВО ПОСЕТА НА ООУ „ХРИСТО УЗУНОВ“

Во учебната 2019/2020 година  ООУ „Христо Узунов“ од Охрид  се вклучи во Програмата „Училишта на 21 век“, која е финансирана од Владата на Обединетото Кралство, а спроведена од Британскиот совет во партнерство со Министерството за образование и наука.Целта на програмата е развивање на вештини на 21от век, со посебен акцент на дигитална писменост, критичко размислување и решавање проблеми и користење на уредот микро:бит за развивање вештини за програмирање. Конкретно во училиштето се спроведуваат многу активности поврзани со оваа програма, во која се вклучени голем број ученици, при што носечката улога ја има Клубот за кодирање.

Во текот на денешниот ден, ООУ „Христо Узунов“ имаше чест да биде посетено  од Министерката за Европа и Америка на Обединетото Кралство Венди Мортон и Амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј. Тие беа запознаени со текот на имплементирањето на оваа програма во училиштето.  Директорката Оливија Пирузева Јанева на средбата со високата делегација даде кратки податоци за училиштето и за програмата.  Потоа гостите присуствуваа на часот, каде учениците под раководство на професорките Горица Дуцкиновиќ и Марија Мостро,  презентираа конкретен проект изработен од членовите на Клубот за кодирање.

Преку овој проект се истакнува  критичкото размислување како и вештините за програмирање. Проектот има за  цел подигнување на свеста за селекција на отпад и негово рециклирање, што е многу важно за заштита и на животната средина и негување на ваквите навики. Проектот се состои во селектирање на отпадот, на пластичен и лимен отпад. Во сето тоа главна улога има уредот микро:бит, како инструмент за одбројување на парчињата отпад.

Учениците за овој проект беа поттикнати  од несовесноста на луѓето при фрлање на отпад во околината. Целта е зголемување на свеста за заштита на природната околина, која колку повеќе ја негуваш, таа толку повеќе возвраќа. Тоа учениците го истакнаа пред Министерката и Амбасадорката, задоволни и возбудени од фактот дека својата работа може да ја презентираат пред нив и истите да бидат вреднувани со пофалби од нив.