Во вторник на редовната владина седница ќе биде разгледана можноста за прогласување кризна состојба во енергетскиот сектор, информира министерот Крешник Бектеши

“Прогласувањето на енергетска кризна состојба не значи дека ќе има рестрикции на струја, такви мерки не се предвидени. Согласно сите податоци кои ги имаме во моментов нема проблем со снабдување на електрична енергија, кризата е поради големите ценовни шокови на берзите на струја, затоа ќе побараме од Владата на следната редовна седница да биде прогласена енергетска кризна состојба.”, изјави тој.

Според него кризната состојба во енергетскиот сектор ќе биде прогласена за да може како Влада директно да се вбризгаат средства од буџетот за ЕСМ и МЕПСО за да се зголеми нивната ликвидност.

-За таа цел ја ги направивме и измените во Уредбата за прогласување на кризна состојба за да може да се префрлат средства за енергетските компании. Од Министерството за финансии се обезбедени околу 100 милиони евра за да може директно да се интервенира во овие две компании за да може МЕПСО да ги покрие долговите кои ги има, а ЕСМ да обезбеди јаглен за производство на електрична енергија“ кажа министерот Бектеши.

Министерот потенцираше дека во моментов се работи на ставање во функција на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија за да нема ценовни шокови.

„Од домашно производство производната цена на електричната енергија изнесува од 56 до 70 евра за мегават час, додека цената на струјата на берзите е 200 евра за мегават час. Со мерките кои ги носиме се грижиме за граѓаните и домаќинствата и за малите потрошувачи да нема зголемување на цената на струјата“ кажа Бектеши.