Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков учествуваше на консултативна работилница со засегнати страни по Нацрт-планот за управување со Споменикот на природата Охридското Езеро што се одржа денес преку електронската комуникациска платформа ZOOM.
Работилницата се одржа со цел да се обезбеди пошироко вклучување на засегнатите страни, да се добијат препораки и коментари за предлогот и да обезбеди добар квалитет и применливост на документот.
На настанот градоначалникот Пецаков укажа на важноста од максимална заштита на Охридското Езеро.
– Дозволете да го изразам моето задоволство и благодарност за поканата за учество на оваа работилница на којa ќе се презентира и дискутира за Нацрт Планот за управување со Споменикот на природата Охридско Езеро.
Изразувам благодарност до донаторите и изработувачите на Студијата за валоризација на Охридското Езеро и Планот за управување со Охридското Езеро, како и Министерство за животна средина и просторно планирање за поддршката во овој процес .
Преку овој настан сите заедно се вклучуваме во процесот на заштита на Охридското Езеро. Од нашите стратешки определби и превземени активности зависи зачувувањето на извонредните природни вредности и биодиверзитетот на Охридското Езеро. Нашето езеро како светска природна реткост е под заштита на УНЕСКО од далечната 1980 година. Тоа не прави горди и привилегирани но и не обврзува максимално да водиме грижа за негова заштита.
Посакувам процесот на прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата да се реализира успешно, по што ќе следат активности предвидени во менаџмент планот- истакна Пецаков.
На работилницата свои обраќања имаа и градоначаниците на Струга и Дебрца, како и претставници од другите засегнати страни.
Нацрт -планот за управување ќе биде достапен за повратни информации и коментари до 19 ноември 2021 година. Истиот ќе биде ревидиран по анализата на добиените коментари од засегнатите страни. Откако актот за повторно прогласување ќе биде усвоен од Собранието, Телото за управување со Охридското Езеро ќе иницира правна постапка за усвојување на Планот за управување со Охридското Езеро во соработка со МЖСПП, вклучувајќи официјален процес на Јавна консултација со јавноста и формално побарани мислења од сите засегнати страни.
Инаку, Нацрт-планот за управување е подготвен во рамките на проектот GEF/UNEP STAR 5: „Постигнување на зачувување на биолошката разновидност преку создавање и ефективно управување со заштитените подрачја во планирање за користење на земјиштето“, со експертска поддршка од IUCN ECARO.