ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ЗАРОБЕНИК НА ИНТЕРЕСИТЕ НА ПОЕДИНЦИ
– Повеќегодишното несоодветно управување со охридскиот регион, непочитување и честите промени и неусогласеност во законската регулатива, како и речиси контиунираното неприменување на препораките на УНЕСКО уште од 2010 година до денес, придонесе да природното и културното наследство во охридскиот регион се доведе до состојба да може да биде ставено на листа на загрозени подрачја, па и бришење од листата на заштитени подрачја, додаваат од партијата.
Во изминатиов период, властите на централно и на локално ниво не постапуваа согласно донесените закони, така што се направени несогледливи негативни последици на природното и културното наследство на охридскиот регион.
Што се однесува до изјавата на новиот градоначалникот Кирил Пецаков за уредување на плажите и нивно издавање под закуп:
1. Бараме да се продолжи со рушење на дивоградбите на охридското крајбрежје и во Езерото во согласност со Планот за управување со Охридското Езеро, со Законот за води, Законот за животна средина, Студијата за валоризација на Охридското Езеро како споменик на природа, Законот за управување со природното и културното наследство на охридскиот регион и други позитивни законски акти;
2. Бараме Општина Охрид да формира ново јавно претпријатие кое ќе стопанисува со охридските плажи, ќе ги уреди во согласно со препораките на УНЕСКО и останатите законски прописи кои важат за регионов, бидејќи не смееме да дозволиме Охрид и Охридското Езеро да го изгубат статусот на заштитено културно и природно наследство поради лични интереси на поединци. На овој начин, сметаме дека бенифит од туристичката сезона ќе имаат сите граѓанини на Охрид и пошироко, а не само претставници од таканаречената бизнис-елита;
3. Бараме поништување на конкурсот за уредување на плажите, кој заврши пред извесен период, поради тоа што истиот не може да се однесува на сите плажи;
4. Бараме распишување на нов конкурс за уредување на охридските плажи и тоа за секоја плажа поединечно, при што за истите бараме активно вклучување на ЈНУ „Хидробиолошки завод“, со чија помош би се одредиле локациите врз кои стопанисувањето ќе има најмало негативно влијание на растителниот и животинскиот свет во езерото;
5. Бараме да соодносот на слободниот пристап за граѓаните биде 60-70% од површината на плажата во однос на комерцијалниот дел;
6. Бараме неколку плажи да бидат уредени на начин да може да бидат престижни плажи со сино знаменце;
7. Бараме сите досега инволвирани во бизнисот со охридските плажи кои со години работеле без концесија и не плаќале никакви давачки кон општината, со што го оштетиле општинскиот и државниот буџет со големи суми, да бидат санкционирани;
8. Бараме одговорност за претходните градоначалници и инспекциски служби кои работеле спротивно на закон и ја злоупотребиле службената положба, со што им дозволиле за некои субјекти да остварат лична корист со работење без надоместок, односно без добиена концесија.
Fb. Левица – Охрид