Многу важен аспект на економската политика е нејзината децентрализираност и нејзините ефекти до регионалните и локалните нивоа. Од тој аспект, со цел ефектите да бидат поодржливи и поинклузивни треба да се води сметка за нејзиниот регионален и локален супстракт.
Во овој текст ќе биде направен краток осврт на диспропорциите во развиеноста на регионите во нашата економија. За потребите на оваа анализа се зема примерок од четири региони и тоа: Скопски, Источен, Југоисточен и Jугозападен. Како индикатори кои можат да го отсликаат нивото на развиеност на одделните региони се земаат просечно исплатената нето-плата по вработен и структурата на бруто-инвестициите во основни средства по региони.
Извор: ДЗС
Доколку го погледнеме графиконот за бруто-инвестиции во основни средства, очигледно е дека дисбалансот кај овој показател е најголем. Имено, повеќе од половина од инвестициите во основни средства се во Скопскиот регион. Со цел да се надмине оваа структурна слабост на македонската економија, неопходни се структурни реформи на секое ниво.
Имено, најпрво во било кој програмски документ за регионален развој неопходно е дефинирање на композитни индикатори, според кои ќе се следи реализацијата и ефективноста на истиот. Понатаму, за да било која политика, стратегија или програма за регионален развој даде ефект, неопходна е финализација на процесот на фискална децентрализација. Овој процес треба да ги подготви општините и нивните фискални и финансиски капацитети за преземање и имплементирање на проекти.
Откако ќе се заврши со процесот на фискална децентрализација, неопходно е подобрување на нивната конкурентност во поглед на подобрување на локалното опкружување по пат на зголемена транспарентност, дигитализација и изградба на секаков вид инфраструктура. На овој начин ќе се зголеми апсорпциониот капацитет на општините, а со тоа и на регионите за привлекување инвестиции.
Со цел да се обезбеди флексибилност на пазарите на труд внатре, во рамки на регионите, неопходна е анализа на ефикасноста на образованието (основно, средно и високо) во секој од регионите, со цел да се усогласат понудата и побарувачката за труд на овие локални пазари.
Доколку го разгледаме и вториот графикон ќе видиме голем дисбаланс во просечно исплатената нето-плата на Источниот и Североисточниот регион во однос на Скопскиот. Решенијата понудени претходно во однос на проблемот со инвестицискиот дисбаланс, важат и за решавање на проблемот со диспропорциите во платите, меѓутоа кога сме кај платите, покрај другото, треба да се има во предвид и функционалноста на синдикалниот систем на ниво на региони и на ниво на национална економија.
Заклучок
Со цел да има поголема благосостојба на населението, неопходна е рамномерна дистрибуција на економскиот развој, исто така за зголемување на конкурентноста на национално ниво најпрво, неопходно е да се зголеми конкурентноста на регионите. На овој начин економскиот развој ќе биде инклузивен и ќе се подобри животниот стандард на целото население.