СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ВО ЧЕСТ НА „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – ПАТРОН НА ГРАДОТ ОХРИД“

Централното случување во чест на „Св. Климент Охридски – Патрон на градот Охрид“ беше свечената академија што вечерва се одржа  во големата сала при Општина Охрид. Пред присутните  пригодно обраќање имаше охридскиот градоначалник , Кирил Пецаков.

  – Охрид, Македонија и Македонската Православна Црква  денес  празнуваат  го чествуваат  името и делото на заштитникот свој,  Св. Климент Охридски, светител, просветител, етичар и  прв македонски епископ. Огромна е честа, но уште поголема е одговорноста да се најдат соодветни  изрази кои ќе бидат на нивото   што го заслужил   нашиот духовен татко,  Свети Климент Охридски. По многу минати столетија не избледнува  сликата за Климент во нашата меморија.  Тој претставува еден од најмаркантните ученици на  браќата Кирил и  Методиј,  чија просветителска мисија ги изведе Македонците и  останатите  словенски народи на културно- цивилизациската сцена на Европа. Цели два века пред Болоњскиот,   Климент го основал првиот Словенски универзитет во  нашиов Охрид кој станува  жариште на словенската култура и писменост. Давајќи ни ја светлината на писменоста  го зацврсти нашиот идентитет  и алките на нашиот духовен континуитет. Со тоа Климент  одамна покажал дека  сме уникатни, свои и  непоколебливи како народ и дека тоа никој не може и не смее  да го  оспори . „Зошто умот кој еднаш ќе биде просветлен повеќе никогаш не може да е мрачен “. За еден народ да биде  народ и да може да постои во вистинска смисла на зборот, мора да знае кој е и  што е,  а ќе знае само доколку е писмен. Низ нашата историја имаме настани кои сведочат за маките и столбовите на нашиот народ,  кој е како Пиреј никнува од секаде и не се уништува  зошто има длабоки духовни  и културни корени посадени од дамнина.  Зошто „Дебелото дрво се развило  од млада фиданка, деветоспратна зграда почнала од редење на цигли. Патувањето од илјада километри почнува со првиот чекор.“  Свети Климент Охридски е меѓу ретките личности од цивилизациско и милениумско значење. Климент му припаѓа еднакво на сите словенски народи и пошироко, на целата европска цивилизација, но пред се е наш,  зошто корените му се македонски,  зошто од Охрид направил јадро на писменоста и културата.  Затоа долгот што го имаме кон неговото дело е и долг кон нашето минато и историја . И денес по толку одминато време се уште се крепиме од духовната и интелектуалната храна која ни ја оставил нашиот учител. За свети Климент, многу одамна реле:   „Му омилел законот на Господа и во законот Негов дење и ноќе се поучува, тој е како дрво посадено крај извор со вода, кое својот плод го дава навреме и чиј лист не венее и во се што прави напредува.“  Имајќи го предвид сето ова,  гледаме за каква личност станува збор, личност која е образ на светлината, која е како светилник запален и   нас словенските народи не осветлува. Како да се изразиме за  него,  а да не погрешиме, тоа да биде достојно и со голем пиетет, зашто за него, плеада личности зборувале и пишувале, за него сè е речено и сè е напишано, а сепак, сите се разликуваат по својата форма и стил. Неговата возвишена  личност   засекогаш останува   творечка инспирација за поетите, музичарите,  сликарите, копаничарите… Тој е отворена тема и мотив, секогаш длабоко инспиративен и благороден за творечка креација,  затоа што пред неговата светлина  се покажува нашето неуништливо постоење.  Климент ни поставил  задача на сите нас „Да се надминуваме еден со друг со добрина.  Да бегаме од злото зошто оној што зло прави е грд,  а добриот е личен и   уште од денес да се помачиме за добри дела“.Ајде сите сложно да  создаваме проекти за доброто на Охрид и охриѓани. Секоја добра идеја, позитивна мисла, убав збор се добредојдени и прифатливи, зошто Охрид е заеднички дом  и подеднакво ни припаѓа на сите нас.  Заедно да го доградуваме и разубавуваме зошто само така ќе имаме заеднички напредок и просперитет.  Зошто верувајте,  „Секогаш треба да бегаме од работи кои го уништуваат човечкиот род,  а тоа се:   Политика без принципи, напредок без сочувство, богатство без работа, учење без тишина, религија без бестрашност и обожавање без свесност“-рече градоначалникот Пецаков.

На свеченоста  беа доделени највисоките општински признанија,  наградата Свети Климент Охридски – Патрон на градот Охрид на академик проф. д-р Љупчо Коцарев и повелбите постхумно на Мишко Јузмески, на Гордана Лолеска и на здружението ЕКО ФАП. Вечерашната свеченост заврши со културно – уметничка програма.

Sv.Kliment_Ohridski_patron_120820210010
Sv.Kliment_Ohridski_patron_12082021008
Sv.Kliment_Ohridski_patron_12082021004
Sv.Kliment_Ohridski_patron_12082021001
Sv.Kliment_Ohridski_patron_120820210014
Sv.Kliment_Ohridski_patron_120820210013
Sv.Kliment_Ohridski_patron_12082021009