ЈАВЕН УВИД НА СТРАТЕГИЈАТА ЗА МЛАДИ НА ОПШТИНА ОХРИД

Младите се носители на позитивните промени, како на државно ниво, така и во Локалната самоуправа. Тие се ресурс за иновации и идна движечка сила на социјалниот и економскиот развој.

Општина Охрид ја почитува оваа значајна улога на младите и токму затоа од исклучителна важност е постојано и систематски да се вложува во нивниот развој, но и во воспоставување на механизми за нивно активно учество во општествените процеси. Само со градење на вистинско партнерство помеѓу институциите и младите ќе знаеме дека политиките се инклузивни, ги одразуваат и адресираат вистинските потреби и поттикнуваат социјална интеграција.

Имајќи ги предвид општествените состојби на локално, но и на национално ниво во поглед на потребите, ставовите, но и предизвиците пред кои се исправени младите како неопходност се наметна потребата од изработка на Локална младинска стратегија на општина Охрид.

За таа цел Општина Охрид спроведе тендерска постапка и за свој партнер во изработката на овој документ ја избра консултантската компанија „Таргет комуникации“ од Скопје.

Стратегијата за млади ги поставува основните принципи и насоки за дејствување на сите чинители во општеството кои во крајна линија ќе доведат до остварување на потребите, правата, но и интересите на младите луѓе.

Содржината на Локалната стратегија за млади ги опфаќа стратешките приоритети, клучните предизвици со кои се соочуваат младите во Општина Охрид и долгорочните цели презентирани низ тематските области. Документот се однесува на период од следните пет години.

Со цел успешно утврдување на потребите и барањата на младите луѓе изработена е и анкета на примерок од 110 испитаници- млади лица на возраст од 15 до 29 години и анализа на добиените резултати. Резултатите на анкетното истражување се составен дел од Локалната младинска стратегија и заклучоците соодветствуваат со добиените резултати од анкетата.

Од денес па се до 15.12.2021 година, со особено задоволство на јавен увид на јавноста ја ставаме изработената стратегија за млади на општина Охрид со цел засегнатите чинители да можат да дадат свои предлози, идеи, забелешки и видувања на истата. По завршувањето на јавната презентација, Стратегијата за млади на општина Охрид ќе биде доставена на усвојување од страна на Советот на општина Охрид.

Вашите сугестии ги очекуваме на следниот е- маил: strategijazamladi@yahoo.com

СТРАТЕГИЈАТА ЗА МЛАДИ НА ОПШТИНА ОХРИД