ПРВИ ЧЕКОРИ КОН ПРОЦЕСОТ НА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА БЕЛЧИШКО БЛАТО ЗА ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕ

Денес – на 27 декември, во општина Дебрца се одржа тркалезна маса: „Бенефити од Белчишкото Блато како заштитено подрачје и можности за еколошка валоризација”. Тркалезната маса е во рамките на проектот: “ Зачувување на Белчишкото Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители”, кој го спроведува здружението “Екотуризам 2016”, Охрид.
Активноста е еден од првите конкретни чекори кои водат кон прогласување на блатото за заштитено подрачје. На работилницата беше презентирана нацрт-мапата на блатото со поделба на заштитни зони, а присутни беа претставници од Општина Дебрца, Министерството за животна средина и просторно планирање – сектор природа и засегнати граѓани. Сите мислења, коментари и забелешки на присутните ќе бидат земени во предвид при изработката на конечното зонирање на идното заштитено подрачје кое ќе опфати околу 250 хектари.
Здружението “Екотуризам 2016”, Охрид спроведе интензивни теренски истражувања на флората и фауната на блатото, во 2020 и 2021 г. и се основа за изработка на студијата. Студијата се очекува да биде завршена до крајот на јануари 2022 г.
Активноста е во рамките на проектот „Зачувување на Белчишко Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители“, кој започна на 1 јуни 2020 г. и ќе трае до 31 мај 2022 г. Целта на проектот е изработка на студија за валоризација на природните и социо-економските вредности на блатото за прогласување на блатото за заштитено подрачје, теренски истражувања и јакнење на свеста на локалното население за придобивките и значењето на блатото. Проектот е финансиран од Критичниот еколошки партнерски фонд (Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF) – кои го препознаа блатото како вреден и најзачуван блатен екосистем на територијата на нашата држава.