ПРИВРШУВААТ ПОДГОТОВКИТЕ ЗА БОГОЈАВЛЕНИЕ – ВОДИЦИ

На денешниот координативен состанок беше констатирано дека подготовките за претстојниот празник Богојавление – Водици се во завршна фаза.

Вчера, членовите на клубот за подводни дејности „Охрид“ го чистеа дното на Охридското езеро кај Градското пристаниште, каде што ќе се положи чесниот крст. Од  ЈП „Охридски комуналец“ се вклучени во темелно чистење на Градското пристаниште каде верниците влегуваат во езерските води. Ангажирана е и механизација и се расчистуваат наносите од песок, трска и друг вид отпад. Дополнително екипи на ЈП „Охридски комуналец“ го украсуваат градот.

Според предвиденото, точно во  10 часот од Светилникот на пристаниште  Дебарско- Кичевскиот митрополит г. г Тимотеј ќе го положи  Светиот крст во водите на Охридското Езеро.  

Богослужбите во охридските парохиски цркви ќе почнат во 7 часот наутро, а литиите од трите цркви „Св. Никола- Геракомија“,  „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ и „Св. Георги од Горна Влашка Мала ќе се сретнат на плоштадот Св. Климент Охридски   неколку минути пред 10 часот  и ќе се упатат на пристаништето.

По положување на крстот  и осветување на  езерската вода, точно напладне кај месноста „Сараиште“ ќе се одржи   свето  крштевање на сите луѓе кои сакаат да се крстат.

Точно напладне на градскиот плоштад, концерт ќе одржи групата „Љубојна“, а од 9 до 15 часот  ќе се одржи традиционалната крводарителска  акција.