ЈАВЕН ПОВИК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА БАРАЊА ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ТРОШОЦИ ЗА КОМУНАЛНИ УСЛУГИ

Општина Охрид ќе врши обезбедување на правото на остварување на социјална заштита на граѓаните, од средствата на Буџетот на Општина Охрид, во облик на спроведување на мерки за субвенционирање на трошоци за комунални услуги за граѓаните кои се изложени на социјални ризици.

Субвенционирањето на трошоците за комунални услуги, се однесува за периодот од 01.01.2022 година, заклучно со 31.12.2022 година.

Согласно програмата за социјална заштита во буџетот на општина Охрид за оваа намена се предвидени 1.500.000,00 денари.

Вкупниот износ на субвенција ќе изнесува 670, 00 денари месечно, за секој корисник на субвенцијата и ќе биде составен од следните четири компоненети:

  • Покривање на трошоците за потрошена вода за пиење до 320 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата;
  • Покривање на трошоците за спроведување на отпад до 150 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата;
  • Покривање на трошоците за одведување на отпадни и атмосферски води до 150 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата;
  • Покривање на трошоците за плаќање на гробна такса-гробарина до 50 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата.

Право да поднесат барање за субвенционирање на трошоците за комунални услуги од општина Охрид , имаат лицата со статус на:

  • Корисник на социјална помош или
  • Корисник на постојана парична помош или
  • Невработено лице  подолго од 12 месеци, а доколку корисникот е во брак, тогаш и неговиот брачен другар да е невработен

Услов за погоренаведените категории е:

  • корисниците и нивните брачни другари да бидат пријавени во Агенција за вработување на РМ и активно да бараат работа;
  • заедно со брачниот другар да живеат во потешки социјални услови ( со вкупни месечни примања заедно од 34.893,44 денари во вредност од минималната синдикална кошница);
  • Лица кои имаат најмалку 70% степен на инвалидитет или тешка болест, односно нивниот брачен другар или друг член на семејство е со инвалидитет од најмалку 70% или има тешка болест

Напомена: Како тешка болест во оваа категорија се подразбираат малигни или церебрално васкуларни заболувања или други тешки заболувања

Доколку се пријават повеќе од 150 лица , со статус на лица кои имаат најмалку 70% степен на инвалидитет или тешка болест, односно нивниот брачен другар или друг член на семејството е со инвалидитет од најмалку 70% или има тешка болест, во тој случај услов за оваа категорија на корисници е:

  • да живеат во потешки социјални услови (со вкупни месечни примања заедно со брачниот другар од 34.893,44 денари во вредност на минималната синдикална кошница).

Граѓаните кои ќе аплицираат треба да ги достават следните документи:

  • Барање за субвенционирање на трошоци за комунални услуги;
  • Копија од лична карта
  • Решение за категоризација од Центар за социјални работи
  • Потврда за невработеност од АВРМ
  • Копија од сметките од јавните претпријатија
  • Потврда за висина на примањата (Годишна пријава) на сите членови на семејството, издадена од УЈП

Сите категории на граѓани, опфатени со овој јавен повик субвенционирањето ќе можат да го користат доколку комулативно ги исполнуваат следните критериуми:

  • Да се жители на општина Охрид;
  • Да се корисници на услуги од ЈП „Водовод“ или ЈП „Охридски комуналец“ или ЈП „Нискоградба“ или ЈП „Градски гробишта“;
  • Да се подносители на барање за субвенционирање на трошоци за комунални услуги.

Максималните износи за секој корисник на комуналните услуги, односно на субвенцијата, ќе бидат исти и ќе бидат фиксни, односно нема да зависат од месечните трошоци за секој корисник одделно.

Заинтересираните лица своите барања за субвенционирање можат да ги достават во затворен плик, лично во архивата на општина Охрид или по пошта на следната адреса: Општина Охрид, ул.Димитар Влахов бр.57 Охрид, со назнака (ЈАВЕН ОГЛАС ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ТРОШОЦИ ЗА КОМУНАЛНИ УСЛУГИ)

Јавниот повик ќе биде објавен на веб страната на Општина Охрид www.ohrid.gov.mk

Јавниот повик трае 30 дена од денот на објавување.