Левица : ЗА НОВИТЕ 30 ВРАБОТУВАЊА ВО ЈП ,,КОМУНАЛЕЦ”, ДОДЕКА 60 ВРАБОТЕНИ СЕ ПРАТЕНИ НА ПРИНУДЕН ОДМОР ОД 70%

На десеттата седница на Советот на општина Охрид, директорот на ЈП ,,Охридски Комуналец”, Сашо Најдески, кажа дека 60 вработени се пратени на принуден одмор од 70%, со цел да заштеди средства.
За апсурдот да биде уште поголем, истовремено во ЈП ,, Охридски Комуналец” има 30 нововработени, па оттука се наметнува прашањето, како директорот планирал да заштеди средства со нови вработувања? Да не забораваме дека секое ново вработување во ЈП оди на товар на охриѓани, а не на партиите.

Да му објасниме на директорот на ЈП ,,Охридски Комуналец” дека можел да заштеди средства од ЈП, доколку вработените, кои сега веќе се на принуден одмор, ги прерасподелел на нови работни места, за кои ЈП имало потреба според систематизацијата, а не со нови вработувања. Тоа се постигнува со организирање обука на вработените.

Директорите од редовите на ВМРО ДПМНЕ добро беа запознаени со превработеноста и со презадолженоста на Јавните претпријатија и доколку немале капацитет да се справат со финансиската состојба во која се наоѓаат претпријатијата, тогаш зошто ја прифатиле функцијата?

Само да потсетиме дека за финансиската состојба на Јавните претпријатија во Охрид, подеднакво се виновни трите олигархиски партии, СДСМ, ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, поради нивното расипничкото работење, како и поради неконтролираните вработувања на нестручни и несоодветни партиски членови, кои по се’ изгледа продолжуваат и понатаму.