Во Спортската академија која функционира во рамките на ОУТУ „ Ванчо Питошески“ формирани се паралелките за фудбал, ракомет и од оваа година за кошарка. Кандидатите за упис во прва година за учебната 2015/2016 година, беа селектирани од стручна комисија во три фази. Во првата фаза имаше скаутирање на кандидатите од стручни лица, во втората селекција од стручен тим, а во третата беа тестирани психофизичките способности.За работа со учениците во спортските паралелки ангажирани се стручни тимови, составени од тренер, негов заменик и физиотерапевт.
Наставата се изведува според програма изработена од Бирото за развој при Министерството за образование и наука. Во програмата се предвидени општообразовни и стручни предмети. Учениците-спортисти имаат наставник по секој предмет кој ги оценува, а за време на практичната настава и тренинг за истите се грижи стручен тим од спортски тренери.
За потребите на наставниот процес ќе бидат ставени на располагање спортските објекти на СРЦ „ Билјанини Извори” и спортската сала „Тодор Александров” во селото Велгошти.
Целта на Спортската академија е учениците, спортски таленти да се оспособат да постигнуваат врвни спортски резултати и да се подготвуваат од рана возраст да станат членови на националните спортски селекции за фудбал, ракомет и кошарка.