На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во категорија III – споменик на природата.
Како заклучок со оваа Информација Владата донесе Одлука за прифатливост на предлогот и го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да спроведе јавна расправа по предлогот до 30 јуни 2022 година, врз основа на што ќе се изготви конечен предлог за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во категорија III-споменик на природата.
Оваа иницијатива доаѓа согласно препораките на УНЕСКО за заштита на Охридското Езеро за да се овозможи: заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности, назначување на субјект за управување кој ќе се грижи за заштитеното подрачје и донесување на План за управување согласно одредбите од Законот за заштита на природата.
Со прогласувањето ќе се постигне прогрес во однос на имплементација на националната легислатива за заштита на природата, Националната стратегија за заштита на природата со Акционен План (2017-2027), Националната стратегија за биолошка разновидност со Акциски План за период (2018-2023), како и прогрес во имплементација на обврските од ЕУ директивите за живеалишта и птици, обврските од меѓународни конвенции, кои се ратификувани од нашата држава, како што се Конвенцијата за биолошка разновидност, Бернската Конвенција, CITES, Бонската Конвенција, Рамсарската Конвенција и други.
На денешната седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за ратификација на Конвенцијата за договорите за избор на надлежен суд.
Конвенцијата за договорите за избор на надлежен суд, усвоена во рамките на Хашката Конференција за меѓународно приватно право во Хаг, од 30 јуни 2005 година има за цел да ја осигура ефикасноста на спогодбите за избор на суд (познати и како „клаузули за избор на форум“ или „клаузули за јурисдикција“), помеѓу страните во меѓународните трговски односи.
Конвенцијата претставува инструмент кој ќе овозможи судскиот начин на решавање на споровите да стане стварна и привлечна алтернатива на меѓународната трговска арбитража, притоа трудејќи се да обезбеди поголема правна сигурност за прекуграничниот бизнис и да креира поповолна клима за меѓународната трговија и вложувањето, онака како што истакнува и Меѓународната трговска комора.