Во објектот на централната градинка, градоначалникот Никола Бакрачески и директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, Розе Костеска, денес, на повеќе вработени свечено им ги врачија решенијата за трансформација во редовен работен однос. Согласно Законот за трансформација на работниот однос , во детската градинка условите за промена на работниот статус го исполнија 34 вработени кои до сега биле ангажирани со различни договори на дело или волонтерски договори.
Градоначалникот Бакрачески потенцира дека јасна е заложбата на Владата и Локалната самоуправа во делот на згрижување на сите оние работно ангажирани лица во изминатите неколку години кои што не го имале решено својот статус на вработување.
– Со носењето на Законот за трансформација во редовен работен однос, конечно после долги години неизвесност и стравување за нивниот работен статус и нивната егзистенција со примена на овај Закон 34 вработени во оваа година имаа можност да го регулираат својот статус на неопределено работно време и со тоа да ја обезбедат својата иднина – рече градоначалникот Бакрачески.
Со трансформацијата на работниот однос и со претходните вработувања кои се направија во детската градинка, интересот на родителите за користење на услугите од детската градинка е зголемен. Поради таквиот интерес во изминатиот период беа отворени групи во адаптирани просторни услови во неколку населени места во Охрид и околината, а во тек се и подготовки за отворање на уште една ваква група.
Директорката Костоска истакна дека ова за нив претставува едно големо олеснување поради тоа што градинката сега го има задоволителниот број на вработени.
– Денешниот ден е голем празник за охридската градинка во кој што 34 вработени во нашата градинка ангажирани по договор на дело преку агенција за времени вработувања денес ги добиваат решенијата според Законот за трансформација во редовен работен однос – изјави Костоска.
Дел од вработените во детската градинка чиј работен статус денес беше решен, биле со нерешен работен статус повеќе од десет години.
– Голема благодарност до градоначалникот, до Владата на Република Македонија, до директорката што искрено се заложија за трансформација на нашиот работен статус и ни овозможија да дојдеме до решение на неопределено работно време. Вакво решение некои од нас чекаа повеќе од пет, десет или дванаесет години. Овај ден е најсреќен ден за сите нас – изјави Жаклина Јованоска која денес го доби решението за трансформација на нејзиниот работен статус.
Со слични впечатоци и видлива радост беа и останатите од групата вработени кои денес ги добија решенијата за трансформација на нивниот работен статус на неопределено време.