МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ПО ПОВОД 75 ГОДИНИ-ИНСТИТУТ ЗА ПЕДАГОГИЈА

Во организација на Институтот за педагогија при Филозовскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ денеска започна Меѓународната конференција „75 година Институт за педагогија-Воспитно образовни предизвици и перспективи“ која до 18-ти мај ќе се одржува во Охрид.

Во своето поздравно обраќање пред присутните градоначалникот Кирил Пецаков упати големо признание до организаторите за целокупниот придонес, како најстара високообразовна институција за едукација на педагози, наставници и воспитувачи во нашата држава.

– Одржувањето на овој академски собир токму во Охрид има голема симболика, затоа што ова е центар на словенската писменост и култура. Ова е духовно светилиште на Свети Климент и Свети Наум, дом на ловороносецот Григор Прличев и град кој низ својата долговековна историја израснал повеќе личности кои играле важна улога во афирмацијата на просветителството и оставиле белег на своето време.

Педагогијата е најблагородната наука, бидејќи таа е темелот и расадникот на сите други науки и на сите други професии. Во животот на секој голем доктор, правник, инженер, научник, уметник или политички лидер, постои барем еден учител, кој оставил значајна трага, кој бил мотив и патоказ кон остварување на соништата.

Сите ние треба да им оддаваме посебна почит на нашите учители, затоа што тие ја имаат најголемата заслуга за она што сме денес, тие не научија да чекориме кон успехот и да бидеме најдобрата верзија од себе. 

Учителот е нашиот прв авторитет по нашите родители и има голема заслуга за нашето воспитание, поведение и нашето знаење. Учителот е збир на мудрост, дисциплина и емпатија. Учителот е интелектуален и духовен водич кој дава мотивација и инспирација за младите умови да растат и да го достигнат својот потенцијал.

Се надевам дека на оваа конференција ќе бидат разменети значајни искуства од воспитно образовната политика и дека истата ќе придонесе за развој на нови и современи педагошки мерки, истакна Пецаков во своето обраќање.

Тој ги покани високите гости на конференцијата да ги запознаат и да уживаат во уникатните туристичките потенцијали кои ги поседува Охрид.

– Охрид е скапоцен бисер не само за нашата држава туку и за целиот свет, па затоа неговото природно и културно богатство е под закрила на УНЕСКО. Охрид е една жива разгледница и вистинска привилегија е можноста да се доживеат сите негови убавини. Затоа Ве поканувам, вашиот престој тука да го искористите за посета на впечатливите културни знаменитости и да уживате во сите природни убавини на нашиот град, потенцираше Пецаков.

Од страна на Институтот за педагогија на градоначалникот Пецаков му беше врачена плакета во знак на благодарност за поддшката на настанот.
Во рамки на Меѓународната конференијата ќе бидат презентирани 123 апстракти од страна на 202 автори, од вкупно 21 држава. Целта на конференцијата е афирмација и промоција на педагошката дејност пред пошироката академска јавност, како и создавање можност за продлабочена соработка со универзитетски професори, образовни експерти, истражувачи, едукатори, практичари и студенти од различни земји.