ЗАВРШИ ЕДИНАЕСЕТАТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ОХРИД

На денешната 11-та седница на Советот на oпштина Охрид, со мнозинство  гласови „За“ беа изгласани сите Предлог-одлуки за усвојување на извештаите за реализација на годишните и развојните програми за работа на oпштина Охрид за првиот квартал од 2022 година. Советниците ги усвоија и Извештаите за работа на сите општински јавни претпријатија за првиот квартал од 2022 година.

Зелено светло добија и Предлог-одлуката за давање согласност на Одлуката за покривање на загубата од работењето на ЈП „Водовод“ за 2021 година; Предлог-одлуката за отстапување на користење паркинг простор од oпштина Охрид за ЈП„Билјанини извори“ Охрид; Предлог-одлуката за продолжување на работното време на угостителските објекти; Предлог-одлуката за прием во сопственост на движна ствар – специјално возило пајак; Предлог-одлуката за разрешување и именување член во Управниот одбор на ЈЗУ „Здравствен дом“ – Охрид; Предлог-одлуката за утврдување начин на применување на минимален процент на зеленило во рамки на градежните парцели при издавање на одобрение за градба и Предлог-одлуката за донесување урбанистички проект со план за парцелација за ГП 8.3.46 и ГП 8.3.50 во ДУП во УЗ 8, УБ 8.3 во КО Охрид 4, општина Охрид.

Советниците со мнозинство гласови изгласаа и 54 Предлог-одлуки за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација со цел вклопување на бесправно изградени објекти и 4 Предлог-одлуки за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација за усогласување на намената на земјиштето. 

Од дневниот ред на седницата беше повлечена Предлог-одлуката за партиципација и сопствено учество на општина Охрид во проектот „Изработка на проектно-техничка документација за пат од с.Лескоец до с.Горно Лакочереј и Долно Лакочереј“.