ОХРИД ГО ЧЕСТВУВА ДЕНОТ НА СВЕТИТЕ КИРИЛ И МЕТОДИЈ

Со низа активности, Општина Охрид го одбележува денешниот   национален  празник посветен на Сесловенските просветители Кирил и Методиј. Утрово во Домот на Култура „Кирил и Методиј“  во населбата Кошишта се одржа Панихида и свеченост во чест на просветителите по што беше положено свежо цвеќе пред нивниот монументален споменик во градскиот парк.

Во рамки на чествувањата беа доделени   енциклопедии на  250 ученици од охридските основни и средни училишта кои постигнале значајни резултати на регионални, државни и меѓународни натпревари, а пригодно обраќање пред присутните имаше секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

Sv_Kiril_i_Metodij_24052022005

– Денес се собравме тука да го одбележиме денот посветен на Сесловенските просветители Кирил и Методиј. Со посебен пиетет го чествуваме  нивното извонредно епохално и просветителско дело и нивното огромно значење за Македонија,  Европа и  Светот изразено преку нивните мисии меѓу словенските народи во деветтиот век. Кирил и Методиј , веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик, а врз основа на тоа да го гради својот идентитет, литература и култура. Правејќи го цивилизацискиот чекор за Европа,  преку создавање на нашата  прва азбука – глаголицата, солунските браќа  им дадоа насоки на своите следбеници во создавањето на  кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо. Нивното дело, за нас  е посебно важно, бидејќи нивните ученици Светите Климент и Наум, во Охрид ќе го основаат сесловенскиот духовен и книжевен центар. Охридската книжевна школа по својот идентитет е духовен извор со посебни карактеристики, диференцијално етаблиран повеќе од било кој словенски духовен центар и  претставува темел на продолжувањето на кирилометодиевската  традиција.Просветителска мисија на  Кирил и Методиј   отсекогаш  била инспирација  за нашите деца , нашите ученици   кои покажале  најдобри резултати на регионални, државни и меѓународни натпревари. На нашата гордос,  на овие бројни ученици  кои денес се тука со нас,  од срце им честитам за постигнатите успеси  и посакувам и понатака да го продолжат патот  по кој тргнале . Зошто  како што кажал Џојбел „Сѐ што ќе научите станува ваше богатство, богатство што не може да ви биде одземено, без разлика дали ќе учите во зградата наречена училиште или ќе учите од животниот учител. Учењето нови работи е безвременско задоволство и бесценето богатство.“ . Затоа  драги наши деца, крадете знаење,….учете. Образованието е клучот што ја отклучува златната порта на слободата, а еднаш просветлен ум не може повеќе никогаш да биде мрачен. Ние како локална власт пак, ќе  го поддржуваме секој ваш успех и ќе работиме на  создавање услови за реализација на секој ваш добар проект, зошто само така може да градиме напредно општество. Нека ни е честит Денот посветен на  Големото дело на светите Кирил и Методиј кое нè обврзува  да продолжиме да ги промовираме нивната мисија на учење и традицијата која се темели на мирот, духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста – рече Китески.

Чествувањата  по повод празникот продолжуваат во попладневните часови.