Фудбалската федерација на Македонија ја доби довербата од УЕФА за организација на ексклузивниот дуел меѓу победниците на Лигата на Шампионите и Лигата на Европа за сезоната 2016/17 година.
Генералниот секретар Џани Инфантино ги соопшти официјално одлуките на Извршниот комитет дека Скопје ќе го организира дуелот помеѓу европскиот првак и победникот во Лига Европа во август 2017 година.
Финалето во Лигата на шампионите во 2017 година ќе се игра на стадионот „Милениум” во Кардиф, а финалето во Лига Европа во Стокхолм.
Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и секако во регионот, а воедно и одлична можност Македонија да се промовира и афирмира пред светската јавност.Со добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе ширум светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност за фудбалот и подготвеноста да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан, изјави Илчо Ѓорѓиоски, Претседател на Фудбалската федерација на Македонија.