Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со министерката за одбрана, Славјанка Петровска и амбасадорката на САД во нашата земја, Кејт Брнз, денеска го посетија носачот на авиони „Хари С. Труман“.
Во продолжение Ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Ковачевски:
„Безбедноста на една држава, нејзината стабилност, мирот и стабилноста во регионот е еден од основните услови кои обезбедуваат економски развој, просперитет и квалитетен живот за граѓаните.
Заедно со нашите сојузници од НАТО Алијансата, силно стоиме на позициите дека нашето заедништво е нашата најголема придобивка, гаранција за нашиот територијален интегритет и сигурност и воедно обезбедува перспектива и иднина за граѓаните.
Тоа го докажавме и со нашето единство и во пружањето поддршка, хуманитарна помош и медицински материјали за граѓаните на Украина, кои последните месеци се соочуваат со воената агресија од страна на Русија.
Војната во Украина покажа дека нашата одлука за членство во НАТО беше успешна стратешка цел и ве уверувам дека продолжуваме во нашата определба за зголемување на безбедноста и јакнење на демократијата, за исполнување на евроинтеграциската стратешка цел.
Заедно со членките во НАТО, покажувајќи несебична солидарност, учествуваме во обезбедувањето и зајакнувањето на демократските вредности, стандарди и права на сите граѓани, на сите земји на кои им е потребно.
Денеска, со нашето присуство на носачот на авиони „Хари С. Труман“, дел од НАТО флотата на Медитеранот го демонстрираме нашиот и капацитетот на нашите стратешки партнери, одбранбен капацитет, кои се дел од системот на Алијансата.