ТЕРИТОРИЈАЛНАТА ПРОТИВ ПОЖАРНА ЕДИНИЦА ОД ОХРИД ДОБИ ДОНАЦИЈА ОД ДИРЕКЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ

Територијалната против пожарна единица од Охрид, од денес на располагање има и спасувачки систем за стабилизирање и подигнување при елементарни непогоди и комплексни сообраќајни незгоди и сет за спасување со поплави.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување истакна дека со опремата се овозможува полесно справување со елементарните непогоди во општината.

– При крај сме со набавка на теренски противпожарни возила заедно со пумпи, за 14-те републички сили за справување со пожари. Целта е да сме што поподготвени да се справуваме со пожарите кои секоја година се во поголем број, рече Максути.

Градоначалникот Кирил Пецаков се заблагодари за донацијата и истакна дека таа е доста значајна за градот.

– Верувам и убеден сум дека ова ќе ја зголеми ефикасноста противпожарната единица. Сметам дека во иднина треба многу повеќе да вложуваме за да имаме максимално спремни противпожарни единици, кои ќе можат да реагираат во истиот момент кога ќе е потребно. Како Општина Охрид во изминатиот период почнавме да вложуваме во пожарната посебно во оспособување на возила кои не функционирале претходно, а секако дека и во наредната година ќе го зголемиме тој дел од помошта за ТППЕ и зголемување на капацитетите и сите оние работи кои се потребни за нормално функционирање, рече Пецаков.

Борко Јанкулоски командир на ТППЕ Охрид забележа дека донацијата ќе ја подобри технички институцијата, каде недостасувале седум пожарникари, како и дополнителна опрема, со која според него, ќе заличи на европска пожарна.

Ваква опрема доби и Територијалната противпожарна единица од Струга.