ДВЕ ПЛАЖИ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ПРИСТАПНИ ЗА ЛИЦА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

Со поставување на специјални рампи со платформа на плажите „Љубаништа“ и „Горица 3“ за прв пат се обезбедија услови за соодветен пристап до Охридското Езеро за лицата со посебни потреби.
Специјалните рампи, Општина Охрид ги обезбеди преку донација од здружението „СОС Балканмедиа“. Покрај рампите со платформа, на двете плажи поставени се и специјални тоалети, а достапни за користење се и електрични инвалидски колички.
Охрид е првиот туристички центар во Македонија кој обезбедува услови за рекреација и одмор за оваа категорија граѓани и им овозможува непречен пристап за капење во езерската вода.
Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека Локалната самоуправа континуирано работи на проекти за овозможување на подобри услови за живеење на сите граѓани, а особено на подобрување на условите за инклузија на лицата со посебни потреби. Тој упати повик до сите хотели и сместувачки капацитети на охридското крајбрежје да го следат овој пример и да постават специјални рампи на плажите пред објектите со кои стопанисуваат.