ЗАВРШНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРОЕКТОТ: “МЕРКИ ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ЖЕНСКИ БИЗНИСИ ПО КОВИД – 19“

Синоќа во Охрид се одржа завршната конференција на проектот: “Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид -19“, кој го спроведува Центарот за управување со промени. Проектот е поддржан од Balkan Trust for Democracy и USAID, а е под покровителство на Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот Пендаровски. Проектот е насочен кон развој на женското претприемништво, нудење предлог мерки за ревидирање на постоечките владини програми за олеснување на економските последици кои произлегоа од кризата со Ковид-19.

На конференцијата се обрати градоначалникот Кирил Пецаков, кој во оваа прилика истакна:

– Ми претставува особена чест и задоволство, во името на градот Охрид и во свое име, да ви посакам пријатно добредојде во духовната престолнина на Македонија и успешна работа на вашата завршна конференција од проектот “Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“.

Дозволете ми овде да посочам на одредени активности и документи кои како локална самоуправа ги имаме завршено или се во тек, а кои се однесуваат на учеството на жените во општествениот живот на заедницата.

Ние како локална самоуправа ја имаме Стратегијата за родова еднаквост, а во процес на изработка е и Стратегијата за развој на женско претприемништво за Југозападниот регион, која се изготвува по теркот на Националната платформа за женско претприемништво. Овие документи и искрената заложба на локалната самоуправа за вистинска рамноправност меѓу жените и мажите, за нас немаат алтернатива во заедничкото градење на нашата заедница и иднина. Верувам дека со завршните активности , а посебно со базарот на женската иновативност и  вештини, во полн сјај ќе блесне вашата умешност и знаење – подвлече во своето излагање Пецаков.

Во рамките на завршните активности, синоќа на плоштадот “Св. Климент Охридски“ се одржа базар на жените занаетчии, на кој беа презентирани рачни ракотворби, инспирирани од македонското културно наследство од повеќе региони во Македонија.