Свикана 15. Седница на охридскиот Совет за организација на Охридскиот пливачки маратон

ОПШТИНА ОХРИД ЗАСТАНУВА ЗАД ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ОХРИДСКОТ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН

Општина Охрид ќе обезбеди 2 милиони денари од општинскиот буџет за организација на овогодинешното издание на Охридскиот пливачки маратон.

Градоначалникот Кирил Пецаков на денешната прес конференција истакна дека е неизмерно среќен поради тоа што во многу кусо време е поведена иницијативата и донесено е решение за проблемот, околу организацијата на оваа значајна спортска манифестација за Охрид и Република Македонија.

– Охридскиот пливачки маратон, не е само спортска манифестација. Тој е многу повеќе од тоа. Тој е чувство, сентиментално вкоренето во секој охриѓанец. Радосен сум бидејќи Охридски пливачки маратон ќе има, иако пред нас се исправија големи препреки. Водени од помислата дека маратонот опстоил 60 години, опстоил и во можеби многу потешки времиња од сегашните, во него животен труд вложиле плејада охриѓани, успеавме да ги надминеме препреките, рече градоначалникот Пецаков.

Според него Охридскиот пливачки маратон е традиција, а токму традициите се работите кои ги одржуваат луѓето во тешки мигови. Тој упати благодарност до сите поединци и компании кои ја понудиле својата помош и потенцираше дека сите оние кои на било каков начин ќе бидат вклучени во годинешната организација, ќе бидат јавно соопштени.

– Најголемата среќа за мене е тоа што во текот на вчерашниот ден буквално телефонот не престана да ѕвони и многу охриѓани и успешни бизнисмени па дури и бизнисмени од други градови, се понудија да помогнат околу организацијата на маратонот. Оваа желба и порив која се роди кај самите охриѓани кои се вљубеници во пливањето и секако во пливачкиот маратон ни дава за право да кажеме дека оваа манифестација нема да згасне и дека иднината на маратонот ќе биде светла, рече Пецаков, искажувајќи надеж дека популарноста на маратонот ќе биде зголемена како резултат на актуелните случувања.

Градоначалникот најави дека во текот на наредните денови ќе биде формиран организационен одбор кој ќе се погрижи за сите технички и логистички подготовки, за оваа манифестација да биде организирана по сите предвидени стандарди. Тој најави дека Локалната самоуправа и Советот на Општина Охрид и од наредната година ќе застанат зад организацијата на маратонот со иста, па дури и со поголема поддршка.

Претседателот на Агенцијата на млади и спорт Наумче Мојсоски објасни дека агенцијата ќе го обезбеди наградниот фонд за маратонот во износ од 10.000 евра. Тој најави дека поради потребното време за целокупната организација на маратонот и намерата истиот да не се поклопи со слични пливачки настани во други земји, овогодинешниот пливачки настан во Охрид, најверојатно ќе се одржи во текот на првата половина на месец септември, а како можни датуми беа посочени 10-ти или 11-ти септември.

Мојсоски упати апел до сите љубители на спортот и до граѓаните да се вклучат во поддршката на маратонот, да бидат дел од публиката и да ја вратат масовноста на настанот.