Деновиве заврши вештачењето и стручниот наод за настанот на улица “АСНОМ” во Охрид, во кој правно лице и инвеститор при изградба на станбен објект оштети водоводна цевка и предизвика лизгање на земјиштето.
Според стручниот наод покрај оштетувањата на делот од улицата и тротоарот, оштетувања има и на земјиштето помеѓу тротоарот и заштитата на градежната јама- потпорната конструкција од дрвени колови кое е целосно обрушено.
Според пресметката која е составен дел од наодот, вкупната вредност за санирање на состојбата на улицата е 2.780.770 денари.
Дополнително според записникот од ЈП “Водовод” Охрид, инвеститорот треба да плати и 3.564.592 денари за штетата предизвикана на водоводната линија.
Или вкупно по двата основи инвеститорот треба да плати оштета од над 100.000 евра.
По завршувањето на наодот и направената пресметка општина Охрид покрена соодветни постапки пред надлежните органи.