Повисоки сметки за струја од нова година. Со најавеното покачување на ДДВ-то од 5 на 10%, сметките на граѓаните ќе се зголемат за 4 до 5% во зависност од потрошувачката. Првиот регулатор дециден – да се најдат други решенија кои нема да ги оштетат граѓаните.
„Според мене, треба и ние како РКЕ во наредниот период да направиме дополнителни анализи. Сега е време на криза, но и можност за креативни решенија со една цел – да можеме на некој начин ова зголемување на ДДВ-то кое се најавува да го амортизираме и да излеземе во пресрет на барањата на домаќинствата“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
Во пракса ова значи дека семејство што сега плаќа 2138 денари, на својата фактура има 5 отсто ДДВ од 93 денари. Ако ДДВ-то скокне на 10%, оваа сметка би била повисока за дополнителни 93 денари, односно вкупниот долг ќе биде 2231 денар. Доколку се зголеми и цената на струјата, покачувањето ќе биде уште повисоко.