Градоначалникот Кирил Пецаков денеска одржа прес-конференција на која презентираше детали од сработеното во првата година од својот мандат. На настанот беше промовирана брошурата „365 дена промени што носат иднина“ во која е поместен детален преглед на проектите и активностите кои се реализирани во периодот од ноември 2021 година до ноември 2022 година.
Обраќањето на градоначалникот Кирил Пецаков ви го пренесуваме интегрално:
-Ценети медиуми, драги охриѓани
Најпрво би сакал да искажам голема благодарност до сите Вас за досегашната успешна соработка и целокупната поддршка која секојдневно ја добивам на овој наш заеднички пат кон посветла и подобра иднина за Охрид.
Минатиот ноември, со голем ентузијазам кажав дека довербата која ми ја доделија моите сограѓани за го предводам нашиот град е огромна одговорност за мене и дека ќе ги вложам сите напори за да ги исполнам очекувањата и да ги реализирам ветените проекти.
Денес, 12 месеци подоцна, по многу напорна и посветена работа, со уште поголем ентузијазам можам да кажам дека успеавме да донесеме значајни промени. Покажавме дека може подобро, дека навистина може поинаку!
Водени од принципот на достапност и отвореност кон граѓаните, воведовме повисоко ниво на транспарентност на локалната самоуправа и во таа насока подготвивме едно резиме, во кое се сублимирани најважните детали и преку кое може да се направи анализа на сето она што го направивме во изминатите 365 дена.
Управувањето со народните пари не е никаква вештина, туку, чест, чесност и одговорност за секој денар. Граѓаните имаат право да знаат каде и за што се трошат нивните пари. Ние не работиме паушално и површно, нашата работа се темели на голема прецизност. Токму затоа, во оваа брошура преку точни бројки и разбирливи текстови се прикажани проектите и активностите на сите полиња од нашето делување.
Свесни дека финансиската стабилност на општината е главната основа за успешно функционирање, исклучително бевме посветени на процесот на раздолжување. На мое огромно задоволство, со гордост можам да кажам дека затекнатиот долг од 856.831.830 денари, успеавме да го намалиме за 202.214.512 денари.
Особено би сакал да истакнам дека успевме да ја санираме лошата финансиска состојба во образованието. Ги сервисиравме сите заостанати обврски и за прв пат сите општински училишта ја започнаа новата учебна година со нула долгови. Посветено работиме и на подобрување на финансиската состојба во сите јавни претпријатијата кои ги затекнавме во многу лоши услови.
Покрај враќањето на старите долгови, нашиот главен фокус беше насочен и кон подготовка и реализација на инфраструктурни проекти кои ќе обезбедат подобри услови за живеење на сите граѓани.
За само 365 дена
–изведена е водоводна линија со вкупна должина од 1520 метри,
-поставена е фекална и атмосферска каналаизација во вкупна должина од 3295 метри,
–асфалтирани се улици со вкупна површина од 14.138 м2,
-извршено е партерно уредување со вкупна површина од 5600 м2.
–изградени се два резервоари за вода кои беа неопходни за граѓаните,
-санирани се и изградени голем број потпорни ѕидови,
-инвестирано е во спортската инфраструктура и урбаната опрема
-подготвени се основни проекти и технички документации за 20-тина инфраструктурни проекти кои ќе бидат реализирани во текот на наредната година.
Особено сме посветени на подобрување на условите за учениците. Покрај сервисирањето на долговите на сите училишта реализиравме значајни инвестиции во сите училишни објекти во вредност од 20.148.000 денари.
Оваа година воведовме многу новини во делот на поддршката на талентирани ученици, а за прв пат обезбедивме и поддршка за семејствата на првачиња. Во насока на обезбедување на подобри услови за настава, подготвени се неколку проекти за реконструкција на училиштата и за иаградба на нови училишта, кои ќе бидат реализирани во наредните три години.
Во континуитет даваме поддршка на проекти за промоција на туристичките потенцијали, културното и природното наследство, како и унапредување на културните и духовни вредности.
Бевме исклучително посветени на поддршка на спортот, а на наша голема гордост оваа година застанавме зад организацијата на јубилејното издание на „Охридскиот пливачки маратон“. Во насока на продолжување на туристичката сезона, оваа година за прв пат организиравме „Фестивал на вино“ кој беше надополнет со богата забавна програма со што се привлече вниманието и на жителите и на туристите.
Почитувани,
Успехот нема да е загарантиран доколку не е плод на тимска работа. Среќен сум што околу мене имам големи професионалци кои имаат сериозен пристап и силна посветеност. Оваа можност сакам да ја искористам и да им заблагодарам за целокупниот ангажман, со надеж дека во иднина ќе можеме да се радуваме на уште поголеми успеси.
Но секој успех не би бил вреден доколу не е верификуван од граѓаните, бидејќи тие се нашите најголеми сојузници во борбата за подобар Охрид. Ние постоиме за нив и работиме за нивните потреби и секогаш сме подготвени да ги слушнеме нивните пофалби и критики.
Би сакал оваа можност да ја искористам и да ги повикам локалните опозиционери на поголема конструктивност и објективност и да им порачам конечно да го прекинат застарениот принцип на празни прес-конференции и соопштенија, кои никој не ги вреднува.
Охриѓани гледаат кој работи, кој е искрено посветен и кој вистински работи за интересите на градот. Нивната оценка ќе остане мојот најголем мотив и заедно со нив, преку јасна визија и план ќе продолжуваме понатаму кон остварување на нашите цели, а тоа се подобри услови за живеење во нашиот Охрид!, истакна градоначалникот Пецаков.