НОВО МУЛТИФУНКЦИОНАЛНО ИГРАЛИШТЕ ВО ООУ „ХРИСТО УЗУНОВ“

Ново мултифункционално игралиште за ракомет, фудбал и кошарка доби ООУ “Христо Узунов“.   На свечениот настан што  денес се организира по тој повод присуствуваше градоначалникот на Охрид,  Кирил Пецаков.

– Денес сме собрани тука да го одбележиме пуштањето во употреба на мултифункционалниот терен за ракомет, фудбал и кошарка во рамките на ОУ “Христо Узунов“. Овој племенит инфраструктурен зафат го покажува нашиот однос кон образовните институции и нашата грижа за најмладите. Дозволете ми да изразам искрена благодарност до Државната Видеолотарија – Касинос Аустриа за донираната опрема, со која учениците ќе имаат оптимални услови за спортување на отворен простор. Ние како локална самоуправа, целосно сме посветени да обезбедиме најдобри услови за одвивање на воспитно образовен процес на целата територија на Општина Охрид. Верувам дека овој терен ќе им пружи на учениците и нивните наставници огромно задоволство во играта и совладувањето на спортските вештини, што е многу важен чекор во градењето на нивните карактери. Почитувани присутни, ве уверувам дека како локална власт и во иднина ќе вложуваме во образованието и спортот, зошто сметаме дека тоа се две најважни дејности за правилно подигање на нашите деца, на кои почива иднината на Охрид и Македонија – рече градоначалникот Пецаков .

Мултифункционалното игралиште за ракомет, фудбал и кошарка е инвестиција на  Државната Видеолотарија –  Касинос Аустриа и е вредно       3 300 000 денари.  Истото е дел од проектот „Играј со најдобрите“ и е петто по ред игралиште во државава опремено од оваа компанија.

Пред присутните пригодни обраќања имаа Маркетинг директорот на Државната Видеолотарија – Касинос Аустриа, Вики Чадикоска и директорката на училиштето, Марина Ѓоргоска.