ПОЗНАТИ ДОБИТНИЦИТЕ НА ПОВЕЛБАТА- ПАТРОН НА ГРАДОТ „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“

Повелбата Патрон на градот Охрид „Свети Климент Охридски“ годинава се доделува на Димче Каневче, Летка Филипова, Задружението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите „СОС БАЛКАН МЕДИА“  и Здружението за мултикултурна интеграција „ИНКЛУЗИЈА“.

Претставникот на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, Наум Јамандиев на денешната прес-конференција образложи за деталите на одлуката за доделување на повелбата.

-Ми претставува посебно задоволство и чест во името на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија и во името на Советот на Општина Охрид да ги соопштам годинешните добитници на Повелбата – Патрон на градот Св.Климент Охридски.

До комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија  при Општина Охрид пристигнааа и беа разгледани 13 апликации. Комисијата во состав Перчо Божиноски- претседател, Бојан Михајловски- заменик претседател  и членовите, Горан Стојаноски, Наум Јамандиев и Арбен Демироски одлучија повелбата „Св. Климент Охридски- Патрон на градот Охрид“ за 2022 година да се додели на четворица добитници:

-Димче Каневче за неговата добротворна работа и спроведените хуманитарни акции за помош на социјално загрозените семејства.

-Летка Филипова за нејзите неуморни хуманитарни и општествени трудови за помош на многу социјално загрозени семејства и поединци. Нејзиниот придонес е значаен за воведување на Бадниковата поворка за навестување на христовото раѓање.

-Задружението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите „СОС БАЛКАН МЕДИА“ Охрид за реализација на повеќе проекти за помош и поддршка на лицата со телесен инвалидитет.

-Здружението за мултикултурна интеграција „ИНКЛУЗИЈА“ Охрид за многубројните спроведени проекти наманети за младите луѓе, за развојот на младинската свест, за поттикнување на младинскиот активизам и за соработка помеѓу младите етнички заедници во Охрид и Македонија.

Упатуваме искрени честитки до добитниците со желби за уште поголеми успеси во иднина, истакна Јамандиев во своето обраќање.