СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ВО ЧЕСТ НА “СВ.КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – ПАТРОН НА ГРАДОТ ОХРИД“ 2022

Синоќа во НУ “Центар за култура Григор Прличев“, се одржа централната свеченост во чест на Св.Климент Охридски, патрон на градот Охрид и заштитник на Македонската Православна Црква –ОА. Годинашен добитник на највисокото општинско признание, наградата “Св.Климент Охридски Патрон на градот“ е Архимандрит Нектариј, игумен на манастирот Св.Наум Охриски, а повелбата е доделена на Димче Каневче, Летка Филипова и Здруженијата “Сос Балкан медија“ и “Инклузија“.

Пред присутните гости од земјава и странство, пригодно обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков.

Драги пријатели, ви благодарам што не удостоивте со вашето присуство во одбележувањето на нашиот најголем празник, а им благодарам и на сите кои ни испратија срдечни честитки, а кои вечерва не можат да бидат со нас.

Точно илјада сто и шест години не делат од земската неприсутност на Свети Климент меѓу нас Македонците, но и исто толку години не поврзува нераскинлива духовна, културна и морална сплотеност со неговото дело. Ретко кој народ, како македонскиот, може да каже дека има таква нераскинлива историска и духовна вертикала во својата опстојба и битисување. Тоа е затоа што Свети Климент Охридски е нашиот првоучител, чија дејност и мисла е длабоко во темелите на нашето постоење и културно препознавање. Неговото монументално и божествено дело недвојбено ја покажува нашата посебност во светската асамблеа на народите.

Создавањето на првиот Словенски универзитет и описменувањето на три илјади и петстотини ученици, кои ќе ја шират верата и писменоста во целиот словенски свет, покажува дека Охрид и делото Климентово не е најважно само за Македонците,туку и за целиот словенски род, а нашиот град е најзначајнииот духовен центар кој преку Охридската книжевна школа ги промовира универзалните човечки вредности. А тие се промовирале, растеле и развивале врз постулатите кои ни ги остави Свети Климент …“да бидеме трезвени и со чиста совест да пристапиме кон телото Божјо и крвта, без да имаме непријателство со никого; …Не да се сакаме со лицемерна љубов, туку еден со друг да се почитуваме од срце, за да бидеме синови на Севишниот и учесници во Царството небесно…“

…“ Да се надминуваме еден со друг со добрина..“  и најголемата и  најважната етичка порака, нашиот македонски категорички императив – “ТРГАЈ СЕ ОД ЗЛОТО И ПРАВИ ДОБРО“. Та затоа, Свети Климент е нашата есенцијална поврзаност со Бога и токму преку Свети Климент, световното и светото се возможни како човечка и божја хармонија во едно.

Драги сограѓани, уважени гости,

Македонија и македонците низ вековите поминале многу ветрометини, падови и негирања, но секогаш изнаоѓале сила да опстојат, да се исправат и да продолжат по патот Свети Климентов, кој е поплочен со љубовта кон Бога, човекољубие и милосрдие. Тоа не прави кротки и одлучни, нежни и цврсти, трпеливи и непоколебливи. Тоа е нашето најголемо наследство од Свети Климент Охридски, за кое верувам дека успешно ќе го пренесеме на следните генерации низ вековите.

 

Заблагодарувајќи се за наградата архимандритот Нектариј во своето обраќање пред присутните истакна:

доаѓаат да го видат културно историското и уметничкото наследство во манастирот, туку оние кои ќе ви речат: – Немирен сум во себе, дојдов да го најдам мирот во ова прекрасно место; празна ми е душата, дојдов да ги наполнам батериите….

Втор ќе рече: – дојдов да го растоварам товарот од моите гревови пред Свети Наум;

Трет ќе каже: – дојдов да ја запросам избраничката и сопатник низ мојот живот.

А друг ќе каже: – Осамен сум; дома ме научија само за себе да мислам; ме убива половичната вера, дојдов во Свети Наум да ме поведе кон Христа и да испроси мир за душата за да можам и јас да зрачам со мир во својата средина.

Некој ќе каже: – Дојдов да го сретнам Бога, како што вели Блажени Августин: Боже, насекаде те барав, а Ти си бил во мене, а јас надвор од себе….и т.н…, да не зборуваме за она што одамна ви е познато за Св. Наум како исцелител и чудотворец.

И на крајот, оваа награда само ја дополни радоста што ни се случи со признавањето на автокефалниот статус на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како убава завршница на оваа, иако за светот немирна, 2022 година.

Ви го честитам патронот на градот Охрид и на МПЦ-ОА, Великиот Свети Климент Охридски Чудотворец, а воедно и предбожикните, Божикните и побожикните празници.

 

Пред присутните се обрати и директорката на ОСУ “Св.Климент Охридски“ Светлана Велкоска,а  свеченоста продолжи со богата културно уметничка програма подготвена од учениците и професорите.