Денеска во големата сала на Општина Охрид се одржа работна средба, социјален дијалог на тема „Учи паметно работи стручно“.
Организирањето на овој настан сам по себе се наметнува како неопходност. Сведоци сме на се поголемата потреба што ја налага пазарот на трудот образованието да соодветствува на неговата побарувачка. Општина Охрид континуирано вложува напори и во рамки на своите ингеренции ги поддржува сите активности кои се насочени кон унапредување и подобрување на средното стручно образование и создавање квалификуван и стручен кадар. Во таа насока е и соработката која Општина Охрид и средните стручни училишта ја остваруваат со „КОСТАЛ“, „ОДВ- Електрик“, „Леарница“ и останати компании заради создавање на профили кои ќе одговараат на нивните потреби. Праксата во компанија, комбинирана со училишни часови влијае врз подигнување на свеста кај учениците за значењето на дуалното стручно образование.
На настанот што го организира Општина Охрид присуствуваа претставници од Министерството за образование и наука и професори од сите средни училишта во градов.
Дуалното образование на државно ниво почна да се спроведува пред неколку години со само 11 паралелки. Денеска во државава има 250 дуални паралелки, а се потпишани договори за соработка со 450 компании.